Украинскиот претседател – Володимир Зеленски денеска изјави дека околу 200.000 домаќинства во Днипро и околината, како и повеќе од 80.000 во регионот на Киев, останале без електрична енергија по руските напади врз енергетската инфраструктура.
Тој на платформата „Икс“ наведе дека синоќа руски беспилотни летала погодиле термоелектрана во Киев и четири електрични потстаници во Днипропетровската област, како и термоелектрана во Шостка.
Според него, оштетена е и железничката инфраструктура во Днипро и Харков, а во Днипропетровската област бил нападнат и објект за дистрибуција на електрична енергија.
Зеленски изјави дека екипите за поправка работат на отстранување на последиците од нападот и на воспоставување на снабдувањето со електрична енергија.
Тој ја повика меѓународната заедница да ѝ помогне на Украина со цел да се спречи понатамошно ширење на руската ескалација во Европа, нагласувајќи дека се потребни нови пакети за поддршка на Украина, како и санкции против Русија.
