Руската амбасада ги отфрли обвинувањата на АНБ и бара објаснување од македонските институции

Од:

Руската амбасада во Македонија ги отфрли обвинувањата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) дека во земјава дејствува пропагандна мрежа во функција на руските интереси. Од Амбасадата реагираат дека македонските институции сè уште не одговориле на нивното барање за објаснување.

Од руската дипломатска мисија соопштија дека веднаш по објавувањето на соопштението на АНБ побарале средба на рускиот амбасадор со претставници на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и на Агенцијата, со цел да добијат појаснувања за изнесените обвинувања.

„За жал, до денес не само што не е одржана средбата, туку не е добиен ниту одговор на соодветната нота на Амбасадата“, наведуваат од Амбасадата во денешната реакција.

Оттаму категорично ги отфрлаат тврдењата дека Русија стои зад ширењето пропагандни материјали и се спротивставуваат на квалификувањето на случајот како „проруски хибридни активности“.

„Решително ги отфрламе неоснованите обвинувања против нашата земја за ширење пропагандни материјали, кои, како што се тврди во соопштението на АНБ, имале за цел да се поткопува довербата во институциите и да се поттикнува етничка и национална омраза и нетрпеливост“, се наведува во реакцијата.

Руската амбасада оценува дека обвинувањата се обид да се префрли одговорноста врз Русија за проблемите во односите на Македонија со некои од нејзините потенцијални партнери во Европската Унија.

Од дипломатската мисија велат дека и натаму очекуваат официјални појаснувања од македонските институции.

АНБ претходно соопшти дека, во координација со Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство, презела истражни дејствија против македонски државјанин осомничен за поврзаност со странски фактори и пропагандна мрежа.

Според Агенцијата, мрежата користела лажни портали со македонски домени за ширење дезинформации и влијание врз јавноста во корист на руските интереси.

Би можело да ве интересира

Разбиена мрежа на псевдо-портали за ширење проруска пропагандна во земјава

(ВИДЕО) Филипче: Зошто не дозволувате декласификација на сите материјали поврзани со случајот со АНБ?

За Филипче, скандалот со АНБ пукна како петарда во раката на ВМРО-ДПМНЕ – Мицкоски упатува на Обвинителството

Ковачки: По она што го видов во службите, ОЈО треба да се „издига на клоци“ ако не покрене обвинение

Пратеници денеска во посета на Агенцијата за разузнавање во врска со прислушувањето

Само членовите на Комисијата за контрола на АНБ и АР кои имаат безбедносни сертификати ќе ги проверуваат документите