Студентите собрани во иницијативата „Студенти во блокада“ им порачаа на граѓаните на Србија да не ги поддржуваат упадите во медиумите и институциите. Тие најавија дека за слободата на медиумите ќе се борат институционално, во Собранието, пренесе Н1.
Студентите објавија дека „ја разбираат еуфоријата, емоциите и потребата, по сè низ што поминавме, конечно да се прослави победата“. Сепак, предупредија дека сега е важно да се задржат достоинството и одговорноста.
„Не поддржуваме упади во медиумите и институциите, ниту повикуваме на такво нешто. Медиумите ќе ги ослободуваме во Собранието, преку институционална борба за слобода и професионално новинарство“, истакнаа студентите.
„Победата ја извојувавме заедно, да го зачуваме нејзиното достоинство“, заклучија тие.
Пораката на студентите следуваше откако граѓани, незадоволни од долгогодишното известување на медиумите наклонети кон Александар Вучиќ, се собраа пред редакцијата на таблоидот „Информер“.
Неколку демонстранти влегоа во студиото, а главниот уредник Драган Ј. Вучичевиќ за време на програмата во живо ја опиша ситуацијата како „заложничка криза“ и повика полицијата итно да реагира.
Демонстрантите се собраа и пред зградата на телевизијата Пинк, која ја гаѓаа со јајца.
Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) најави дека денеска до Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) ќе поднесе иницијатива за одземање на дозволата за емитување на телевизијата Информер, која отворено го поддржува Александар Вучиќ, со години служи како негов пропаганден канал и директно ги напаѓа неговите противници.
Иницијативата следува еден ден по упадот на демонстрантите во просториите на телевизијата во Белград, кога беше прекината програмата во живо.
Барањето ќе биде поднесено во 14 часот од претставници на граѓански организации, новинарски здруженија и студии по новинарство од универзитетите во Белград, Нови Сад и Ниш.
„Иницијативата е одговор на долгогодишното и систематско кршење на законите и програмските обврски, за што РЕМ досега не изрече санкции“, соопшти НУНС.
