(ВИДЕО) Пукање во близина на универзитет во Флорида, 12 се повредени, меѓу нив и шест деца

Од:

Најмалку 12 лица, меѓу кои и шест деца, се повредени во пукање што се случи во Талахаси, главниот град на американската сојузна држава Флорида, во близина на Универзитетот „Флорида А&М“ (Florida A&M University), соопштија локалните власти, пренесува ABC. Шефот на полицијата во Талахаси, Лоренс Ревел, на прес-конференција изјави дека 11 лица се здобиле со прострелни рани.

– Шестмина од повредените се возрасни, а шестмина се малолетни лица. Најмладата жртва има 11 години. Најмалку тројца од повредените се здобиле со сериозни повреди, а едно лице е во критична состојба. Осуммина од повредените се во стабилна состојба, рече Ревел.

Единственото лице кое не било повредено од огнено оружје е бабата на една од жртвите, според шефот на полицијата, таа се здобила со повреди додека се обидувала да побегне од местото на настанот.

Од полицијата информираа дека шестмина од повредените остануваат во болница, вклучително и едно лице кое е во критична состојба. Пет лица кои се здобиле со прострелни рани се пуштени од болница.

Полицијата работи на утврдување на одговорните за пукањето и ги повика граѓаните кои имаат какви било информации да се јават. Тие особено побараа фотографии или видеоснимки што би можеле да помогнат во истрагата.

„Ќе утврдиме што се случило, ќе ги идентификуваме одговорните и ќе најдеме одговори за сите жртви, нивните семејства и сите погодени од оваа трагедија“, изјави Ревел.

„Знаеме дека има луѓе кои виделе или слушнале нешто, или можеби поседуваат снимки што би можеле да ни помогнат точно да утврдиме што се случило“, додаде тој.

Тој нагласи дека помошта од јавноста е клучна за истрагата.

„Ни треба помош од нашата заедница. Ниту еден детал не е премногу ситен и не треба да се премолчува каква било информација. Ако знаете нешто, ве молиме споделете го. Вашите информации би можеле да бидат клучни за изведување на одговорните пред лицето на правдата“, рече Ревел.

Според полицијата, на пукањето му претходела конфронтација меѓу неколку лица во близина на раскрсницата на улиците „Пери“ и „Манати“, веднаш до стадионот „Браг Меморијал“ (Bragg Memorial Stadium) на Универзитетот „Флорида А&М“. Претседателката на универзитетот, Марва Б. Џонсон, изјави дека нападот не се случил во кампусот на универзитетот, но напомена дека универзитетот им пружа помош и поддршка на членовите на својата заедница кои биле повредени во пукањето.

Таа не прецизираше дали некој од повредените се студенти или вработени на универзитетот.

„Заедно со семејството на ’Ретлери‘ (Rattlers) и целата заедница во Талахаси, го споделувам гневот и длабоката тага поради бесмисленото и одвратно пукање што се случи синоќа во близина на нашиот кампус“, рече Џонсон.

Таа додаде дека за студентите ќе биде достапна бесплатна психолошка поддршка. „Ваквиот ужасен чин на насилство е трауматичен за нашите студенти, без оглед на тоа дали биле во близина на местото на настанот или не“, заклучи таа.

Би можело да ве интересира

Пукотница во САД: Две лица загинаа, ранети се тројца полицајци

(ВИДЕО) Масовно пукање во Чикаго: Едно лице загина, деветмина се повредени

Горан Наумовски

Осум лица, меѓу кои четири деца, загинаа во Монтана

Вооружен напад во Северна Каролина, има мртви и ранети

Горан Наумовски

Пукање на фестивал во Сиетл: Тројца се мртви, најмалку четворица се ранети

Петмина убиени во пукотница на прославата на Денот на независноста на САД