Лилијан Дронијак (96), на своите следбеници позната како „Баба Дронијак“, стана популарна во јуни годинава, откако изјави дека ѝ се закануваат со иселување од домот за стари лица бидејќи организирала забави.
Од домот подоцна потврдија дека тоа е точно, но постигнат е договор со неа, според кој таа може да продолжи да организира забави, под услов да не се служат алкохолни пијалаци.
Со 15 милиони следбеници и заработка од социјалните мрежи, Лилијан може да ги покрие трошоците за престој во домот за стари лица, кои изнесуваат 12.000 долари месечно, пренесува Би-Би-Си.
Оваа баба од американската сојузна држава Конектикат е една од многуте постари жени кои (не)очекувано се здобија со популарност на интернет, а нивната публика често е доволно млада за да и бидат внуци.
Обработувајќи различни теми – од мода и храна, до љубовни врски и водење домаќинство – овие жени пронаоѓаат нова публика, а некои од нив и нова животна можност.
„Секогаш знаев дека имам потенцијал да станам славна, само не мислев дека тоа ќе се случи во моите деведесетти години“, вели Лилијан.
Таа открива дека нејзиниот внук почнал да ѝ помага со објавувањето видеа во 2020 година, првично затоа што ѝ било досадно.
Таа смета дека на помладите им се допаѓа тоа, бидејќи им покажува дека животот не завршува со стареењето.
„Тие мислат дека старите луѓе само седат и гледаат во ѕид, но јас им покажувам дека стареењето не е толку лошо. Ние го прифаќаме, сè уште можеме да се забавуваме; јас сè уште одам на забави, а понекогаш и излегувам“, вели таа.
Нејзиниот внук се грижи за спонзорираната содржина што таа ја објавува, вклучувајќи соработки со брендови за храна и козметика.
Покрај тоа што ѝ овозможуваат да го плати престојот во дом за стари лица, заработените средства се користат и за фондот за образование на нејзините внуци.
Иако обожавателите ја препознаваат во јавност, Лилијан вели дека ситуацијата во домот за стари лица е поинаква.
„Тие не го разбираат тоа, бидејќи не користат TikTok“, вели таа.
