Статистичката анализа на судењето во шпанската Ла Лига во текот на изминатата деценија открива значителна разлика помеѓу Барселона и нејзините најголеми ривали.
Според шпанските медиуми, од сезоната 2016/17 па сè до денес, Барселона поминала вкупно 862 минути со играч повеќе на теренот, што одговара на времетраење од речиси девет и пол натпревари.
Во исто време, Реал Мадрид забележал негативен биланс од 91 минута, додека Атлетико Мадрид поминал 330 минути во бројчена инфериорност, односно повеќе од три и пол натпревари, пишува „Ас“.
Во Шпанија веќе долго време се води дебата за тоа кому судиите му се повеќе наклонети.
Додека обвинувањата од таборот на Барселона се насочени кон Реал, од Мадрид возвраќаат со потсетување на „случајот Негреира“.
Да потсетиме, станува збор за случај поврзан со повеќемилионските исплати што Барселона ги вршела во периодот од 2001 до 2018 година кон компании поврзани со Хозе Марија Енрикез Негреира, тогашниот потпретседател на шпанската судиска комисија.
Обвинителството тврди дека овие исплати можеби биле искористени за добивање повластен третман од судиите, додека Барселона тврди дека плаќала исклучиво за стручни извештаи и анализи на судењето. Досега не е докажано дека Барселона потплатувала судии или местела конкретни натпревари, а случајот е предмет на кривична постапка.
Сето ова го следи и Атлетико – номинално третиот најсилен шпански клуб во тој период и единствениот кој, покрај Барса и Реал, во последните десет години се борел за титулата во Ла Лига. Тие не молчат кога чувствуваат дека се загрозени или оштетени, а во споредба со двата шпански гиганти, нивните бројки се најпоразителни.
Секако, сето ова не можеме да го сведеме само на суви бројки, бидејќи статистиката без контекст ја искривува реалноста.
Самиот факт што некој клуб добил повеќе или помалку црвени картони не докажува автоматски пристрасност на судиите или повластен статус.
Причините поради кои чистата статистика – на пример, црвените картони – е недоволна за изведување на вакви заклучоци, можат да се поделат во неколку категории, како што се: квалитетот на играчите и тимовите, стилот на игра, тактичката дисциплина, психолошкиот фактор…
