Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, заедно со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и претставниците на Еснафот на Старата скопска чаршија, присуствуваше на фестивалот „Ритамот на чаршијата“, културна манифестација која ги промовира културното наследство, традициите и занаетите карактеристични за Старата скопска чаршија.
Фестивалот, како што информираат од Општина Чаир, претставуваше платформа за промовирање на културните и занаетчиските вредности, истакнувајќи го историското, општественото и економското значење на Чаршијата. Во рамки на настанот беше нагласена потребата од зачувување на нејзиниот автентичен идентитет, поддршка на занаетчиите и локалните бизниси, како и развивање иницијативи што го збогатуваат културниот живот на градот.
-Старата скопска чаршија е едно од највредните богатства на Скопје и нераскинлив дел од неговиот историски и културен идентитет. Нејзината вредност не се состои само во наследството што го претставува, туку и во луѓето, занаетчиите и бизнисите кои секојдневно ѝ даваат живот. Во соработка со Град Скопје и Еснафот на Чаршијата, ќе продолжиме да поддржуваме иницијативи кои ја зачувуваат традицијата, ја промовираат културата и создаваат нови можности за развој. Чаршијата заслужува внимание, инвестиции и конкретна посветеност, поради што останува еден од нашите неоспорни приоритети-, изјави Меџити.
Од Општина Чаир посочуваат дека ќе продолжат со институционалната соработка со Град Скопје и локалните чинители во насока на промовирање на културното наследство, поддршка на традиционалните дејности и зајакнување на улогата на Старата скопска чаршија како значаен културен, туристички и економски центар на главниот град.
