Цената на „Брент“ – меѓународната референтна нафта – денеска се искачи над 103 долари за барел, со што се движи кон неделен пораст.
Како што пренесува „Trading Economics“, до ова дојде откако ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток и прекините во снабдувањето ги надминаа очекувањата дека пуштањето нафта од итните резерви ќе го намали притисокот врз пазарот.
Цената на американската сурова нафта (WTI) се задржа на ниво од околу 98 долари за барел, што претставува пораст од повеќе од шест отсто од почетокот на неделата.
Загриженоста околу повторното воспоставување на непречен транспорт на нафта низ Персискиот Залив се зголеми откако Централната команда на САД потврди дека контејнерскиот брод „GFS Pride“, кој пловел под знамето на Сингапур, потонал додека бил влечен кон брегот, откако претходно бил погоден од иранска ракета во Ормускиот Теснец.
Сепак, во текот на изминатите 24 часа, повеќе од 40 пловни објекти поминале низ овој стратешки важен теснец, што укажува на тоа дека поморскиот сообраќај делумно е обновен.
Во меѓувреме, по притисокот од американските власти, членките на Меѓународната агенција за енергетика (IEA) ветија дека на пазарот ќе ги пласираат преостанатите 100 милиони барели нафта од итната интервенција започната во март.
