Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, реагираше на Фејсбук за поднесената кривична пријава против него и уште двајца, со која полицијата го сомничи дека извршил злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување исправа.
Во објавата тој наведува дека јавната функција носи одговорност и е подготвен да одговора за секоја своја одлука, затоа што знаел дека ја носел согласно законот и по претходно спроведени процедури и постапки.
-Подолг период сум изложен на континуирани јавни објави во кои моето име се поврзува со неосновани сомневања и обвинувања, веројатно заради нечии дневни интереси и интриги. Нивното постојано повторување создава впечаток дека одговорноста е веќе утврдена, пред да бидат слушнати моите аргументи и оценети доказите кои ги имам во огромен број. (По препорака од мојот правен тим,) досега бев воздржан од почит кон постапките и институциите, оти само на тој начин можеме да градиме вистинска европска правна држава, Таа воздржаност е свесен избор, а не отсуство на аргументи, објави Костадинов.
Додава дека својата одбрана ќе ја води таму каде што се утврдува вистината и се одлучува за одговорноста.
-Од медиумите очекувам точно и одговорно известување, а од сите учесници во јавниот живот, почитување на моето достоинство и пресумпција на невиност. Критиката е составен дел од демократијата. Однапред изречената пресуда ја поткопува правдата и ја нарушува и тоа како довербата во институциите. Не барам доверба на збор. Барам простор фактите да бидат слушнати и доказите непристрасно оценети. Подготвен сум да одговорам за своите постапки. Верувам во владеење на правото и најостро се противам на начините за избегнување на правда на кои сме сведоци, како 50 тони фатени нелегална марихуана и многу други за кои слушаме постојано, напиша Костадинов.
Очекува и другите да ја преземат одговорноста за јавно изговорениот збор, а почитта што ја покажувал кон институциите и кон јавноста ја очекува и за него.
-А за секој кој одлучил да ми нанесува штета свесно на мене на моето новородено дете и целото мое семејство кое својот авторитет и дигнитет го градел со години помош и поддршка на сите, одговорно тврдам дека нема да остане заборавено и без одговорност, пред институциите, порачува Костадинов.
