ВИДЕО: Лимитирањето на „Старшилд“ за Украина е по наредба на Белата куќа

Од:

Наредбата за ограничување на сателитскиот систем „Старшилд“, кој е клучен за комуникацијата и управувањето со дроновите на украинската војска, пристигнала директно од Белата куќа. Ова за Ројтерс го потврдиле двајца американски и еден западен функционер запознаени со ситуацијата.

Според нив, до раководството на американското Министерство за одбрана била пренесена порака дека услугата „Старшилд“ за Украина мора да биде ограничена. Функционерите, кои зборувале под услов да останат анонимни, не откриле кој во Белата куќа ја донел одлуката и кој бил задолжен за нејзино спроведување.

Пентагон е најголемиот корисник на „Старшилд“, воената верзија на сателитскиот систем „Старлинк“ на компанијата „СпејсИкс“.

Украински претставници оваа недела соопштија дека воените приемници на системот престанале да работат кога биле поставени на објекти што се движат со голема брзина. Тоа ги нарушило операциите на украинските дронови, кои се потпираат на „Старшилд“ за наведување над украинска територија.

Извор од украинското Министерство за одбрана во четвртокот изјавил дека приемниците повторно функционираат при движење, но само при брзина до 160 километри на час.

Одлуката за привремено ограничување на системот доаѓа во период кога американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз Киев да ги запре нападите врз руските нафтени рафинерии.

Трамп смета дека нападите предизвикуваат нагло зголемување на цените на енергенсите, што може да ги намали шансите на неговата Републиканска партија на претстојните конгресни избори во ноември.

Експертите, сепак, оценуваат дека растот на цените на енергенсите главно е последица на војната што САД и Израел ја водат против Иран. Конфликтот предизвика ирански напади врз енергетски постројки и речиси целосно го затвори стратешки важниот Ормуски Теснец.

На прашањето за наредбата за ограничување на „Старшилд“, висок американски функционер изјавил: „Претседателот никогаш не упатил такво барање“.

Од Белата куќа не одговориле на прашањата дали барањето можеби го упатиле други претставници на администрацијата.

Извршниот директор на „СпејсИкс“, Илон Маск, во средата на платформата Икс објави дека системите „Старшилд“ се во сопственост и под контрола на американската влада. Според него, сите одлуки за ограничување на брзината или користењето ги носат американската војска или претседателот.

Од „СпејсИкс“, американското Министерство за одбрана и украинската амбасада во Вашингтон не одговориле на барањата за коментар.

Односите меѓу двете земји дополнително се влошија по состанокот во Мајами на 9 октомври, на кој учествувале претставници на САД, Украина, Европа и Светската банка.

Извор запознаен со разговорите тврди дека зетот на Трамп, Џаред Кушнер, и Стив Виткоф, специјалниот пратеник на американската администрација за Блискиот Исток, зазеле остар став кон Украина. Тие на украинските претставници им пренеле дека Вашингтон е незадоволен од продолжувањето на нападите врз руските рафинерии, и покрај повторените барања тие да запрат.

Американската делегација ја бранила и одлуката на Вашингтон за постигнување договор со Русија за дизел-гориво. Според образложението, Белата куќа се надева дека договорот ќе придонесе за омекнување на ставот на Москва во мировните преговори.

Договорот, според кој Русија треба да испорача повеќе од 2,25 милиони барели дизел на американскиот и светскиот пазар, предизвика остри критики од дел од американските конгресмени. Тие предупредуваат дека со тоа Москва ќе добие средства за продолжување на војната, без рускиот претседател Владимир Путин да мора да направи какви било отстапки.

Во деновите што следуваа, Зеленски и Трамп разменија критики. Украинскиот претседател ја нарече американската одлука за дизелот „слаба“, додека Трамп повика на одржување избори во Украина и смета дека Зеленски треба да биде сменет.

Зад сцената, американски функционери се заканиле и со прекин на споделувањето разузнавачки информации за руските ракетни напади, кои Украина ги користи за одбрана. Трамп во вторникот изјави дека Вашингтон и натаму ги споделува тие информации со Киев.

По одлуката за ограничување на „Старшилд“, украински претставници во вторникот и средата се обидувале да добијат објаснување од високи функционери во Белата куќа, Стејт департментот и Пентагон. Според висок украински претставник, на Киев му било соопштено дека одлуката ја донела Белата куќа.

Пентагон досега потрошил милијарди долари за услугите на „Старлинк“ и „Старшилд“. Американското Министерство за одбрана купило и специјализирани сателити „Старшилд“, меѓу кои и летала за рано предупредување за ракетни напади, како и сателитска шпионска мрежа за Националната разузнавачка канцеларија (NRO), за што беше објавено во 2024 година.

Би можело да ве интересира

Маск: Американската војска ја одредува брзината на „Старлинкот“ за украинското оружје

ВИДЕО: Украинците со дронови го погодија најголемиот руски дата-центар

SpaceX, без најава, го ограничи Starlink за украинската војска

ВИДЕО: Русите жестоко го нападнаа Киев, Украинците ги обвинуваат сојузниците

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Повторно погодени бродови во Црното Море кај Бугарија

Катерина Ѓуровски

Европа контра Трамп, подготвува нов пакет санкции за Русија