Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел не разгледува можност за превентивен напад врз Иран пред парламентарните избори закажани за 27 октомври, но предупреди дека секој напад врз Израел ќе наиде на цврст одговор.
Во интервју за Израелското воено радио, Нетанјаху ги отфрли обвинувањата од политичките противници дека се обидува да предизвика воен судир пред изборите.
„Тоа не е опција за нас и не ја разгледуваме“, рече израелскиот премиер, одговарајќи на прашањето дали е можен превентивен напад врз Иран.
Тој додаде дека, дури и ако Иран испука ракети кон Израел, неговите политички противници повторно ќе го обвинат за ескалацијата на конфликтот.
Нетанјаху ги повтори предупредувањата дека Израел ќе реагира решително доколку биде нападнат. Сепак, тој не сакаше да открие дали можноста за превентивен напад би била разгледана по изборите, ниту да ги коментира неодамнешните разговори со Вашингтон за Иран.
Според британските медиуми, војната меѓу САД и Иран започнала на 28 февруари, кога Вашингтон и Тел Авив извршиле напади врз Техеран, по што Иран возвратил со напади врз Израел и земјите од Заливот. Израел и Иран немаат разменето напади од јуни.
Осврнувајќи се на можноста Израел да ѝ помага на Саудиска Арабија во воените операции против бунтовниците Хути во Јемен, кои се сојузници на Иран, Нетанјаху одби да даде конкретен одговор.
„Не сакам да навлегувам во ова прашање. Можам само да кажам дека многу земји на Блискиот Исток се свртуваат кон нас по нашите големи успеси и значајни достигнувања“, изјави тој.
