Фудбалерот на Реал Мадрид – Винисиус Жуниор е казнет на четири натпревари поради исклучувањето на мечот против Виљареал, па така ќе го пропушти големото дерби против Барселона, закажано за 25 октомври на „Камп Ноу“.
Дисциплинската комисија на Шпанската фудбалска федерација одлучи да го казни Бразилецот со два натпревара поради насилно однесување и со уште два поради бурно протестирање по добивањето на црвениот картон.
Винисиус беше исклучен во 73. минута од натпреварот против Виљареал, кој Реал го доби со 1:0. Бразилецот претходно постигна гол, но по интервенцијата на ВАР, погодокот беше поништен бидејќи на почетокот на акцијата го повлекол противничкиот фудбалер Нејтан Салиба за косата.
Судијата Исидро Дијаз де Мера ја прегледа снимката и му покажа директен црвен картон, по што следеше бурна реакција од напаѓачот на Реал.
Според официјалниот извештај, Винисиус протестирал агресивно, а неговите соиграчи морале да го смируваат и да го оддалечат од судијата.
Таквото однесување дополнително ја влоши неговата позиција пред Дисциплинската комисија, која одлучи да му ја изрече максималната казна од четири натпревари за двата утврдени прекршоци.
Со тоа, Винисиус ќе ги пропушти првенствените натпревари против Севиља (18 октомври), Барселона (25 октомври), Расинг Сантандер (1 ноември) и Валенсија (шест дена подоцна).
Ова претставува голем проблем за тренерот Жозе Мурињо, кој ќе мора да настапи без бразилскиот репрезентативец на еден од најважните натпревари во сезоната.
Суспензијата важи исклучиво за шпанското првенство, па Винисиус ќе може да игра за Реал Мадрид во Лигата на шампионите.
