Абдолнасер Хемати, гувернерот на Централната банка на Иран, денес на состанок на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Бангкок изјави дека тврдењата на САД за колапс на иранската економија се илузија.
Вашингтон повторно воведе блокада на иранските пристаништа во јули и на 24 август ја започна операцијата „Економски аутсајдер“ (Economic Outsider), со цел да ги прекине преостанатите финансиски и трговски врски на Иран со глобалната економија, пренесува Ројтерс.
Според податоците од платформата за енергетски аналитики „Вортекса“ (Vortexa), извозот на сурова нафта од Иран по морски пат паднал на нула во втората недела од септември – што претставува пад од просечните 230.000 барели дневно во текот на првите 14 дена од месецот – и останал на тоа ниво сè до 5 октомври.
Во септември, Вашингтон ја прошири својата кампања вклучувајќи ги и иранските авиокомпании, со што дополнително го изолираше Иран и ги направи неговите врски со остатокот од светот поограничени и поскапи.
Агенцијата забележува дека притисокот од САД се совпаднал со наглиот пад на вредноста на иранскиот риал.
Според податоците од платформата „Бонбаст“ (Bonbast), која го следи девизниот курс на иранската валута, риалот изгубил речиси 35 отсто од својата вредност во однос на американскиот долар од јули наваму. Хемати изјави дека Централната банка дава приоритет на сузбивањето на инфлацијата, стабилизирањето на инфлациските очекувања, зачувувањето на финансиската стабилност, одржувањето на банкарските и платните услуги, како и обезбедувањето достапност на странска валута за лекови и основни добра.
Според податоците од Статистичкиот центар на Иран, годишната стапка на инфлација достигнала 73,6 отсто во септември. Кон крајот на септември, Централната банка на Иран започна програма за продажба на до две милијарди долари преку државните банки со цел да ја поддржи вредноста на риалот.
