Украина: 600.000 домаќинства останаа без електрична енергија по масовните руски напади

Од:

Најмалку 600.000 домаќинства во Украина останаа без електрична енергија по масовните руски напади со балистички ракети и беспилотни летала врз енергетската и критичната инфраструктура. Во нападите загинаа најмалку седум лица, од кои пет во Киев, а повеќе луѓе се повредени, соопштија украинските власти.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски информираше дека Русија во текот на ноќта употребила 39 балистички ракети и повеќе од 102 дрона. Според него, значителна штета е причинета на 26 објекти од енергетската инфраструктура и на четири локации поврзани со нафтениот и гасниот сектор.

Зеленски ја обвини Москва дека ги игнорира повиците на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на нападите врз енергетските објекти. Тој оцени дека станува збор за намерен напад со исклучителни размери и порача дека Русија покажала невидено непочитување кон САД.

Украинскиот претседател побара од Трамп да воведе построги санкции против Москва и да ѝ обезбеди на Украина дополнителни системи за противвоздушна одбрана „Патриот“, кои се сметаат за ефикасни во пресретнувањето балистички ракети.

Според украинската полиција, пет лица загинале во Киев. Уште две лица го загубиле животот во нападите врз Днепропетровската област, а шестмина биле повредени.

Руското Министерство за одбрана потврди дека биле извршени напади врз комуникациската и енергетската инфраструктура во Киев и околината, како и во Харковската област. Од Москва наведоа дека целите биле поврзани со одбранбената индустрија и украинските вооружени сили.

Во меѓувреме, руските власти соопштија дека пресретнале 902 украински дрона над руска територија и Крим. Поради нападите, повторно биле воведени ограничувања во работата на неколку аеродроми, вклучително и на четирите што го опслужуваат Москва. Според руските агенции, повикувајќи се на воздухопловната управа „Росавијација“, нарушувањата во авиосообраќајот траат веќе неколку дена, при што летовите се пренасочуваат, а дел од патниците остануваат заглавени.

Гувернерот на Саратовската област, Роман Бусаргин, соопшти дека едно лице загинало во украински напад со дрон врз градот Балаково. Во нападот биле оштетени и неколку станбени згради.

На мета на напад бил и еден од центрите за обработка на податоци на руската „Сбербанк“. Најголемата руска банка соопшти дека, и покрај инцидентот, сите нејзини системи продолжуваат да функционираат нормално.

Војната меѓу Русија и Украина продолжува со напади врз воени, енергетски и други инфраструктурни цели, вклучително и длабоко на територијата на двете земји.

Би можело да ве интересира

Медведев: Киев е слеп и e во паника без американските разузнавачки информации

Горан Наумовски

Захарова: Русија не се откажува од своето хуманитарно и културно присуство во Германија

Трамп бара нов претседател на Украина, договорот со Путин за дизел-гориво отвора нови тензии

Песков: Санкциите на ЕУ може да го отежнат договорот меѓу Русија и САД за испорака на гориво

Зеленски: Партнерите не ја предупредија Украина за можни напади

Маѓар: Унгарија нема да испорачува оружје за Украина