Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека стапило во сила примирје меѓу Русија и Украина со кое се запираат нападите врз енергетската инфраструктура. Засега нема официјална потврда од Киев и Москва за договорот и неговите услови.
„Од овој момент е во сила ЕНЕРГЕТСКО ПРИМИРЈЕ во војната меѓу Русија и Украина. Двете страни се согласија. Не го прекршувајте! Ви благодарам за вниманието“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
TRUMP: Announces immediate energy ceasefire between Russia and Ukraine, says both parties agreed and must not break it https://t.co/rUWLuYL6Eh
— Trump Truths (@trumptruthsbot) October 11, 2026
Објавата на Трамп дојде откако украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно денеска изјави дека Украина е подготвена да ги запре нападите врз руските нафтени рафинерии, под услов Русија истовремено да ги прекине сите напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Зеленски нагласи дека секој таков договор мора да содржи „вистински гаранции“. Тој додаде дека прекинот на нападите можел да се договори и порано, но дека рускиот претседател Владимир Путин не сакал да прифати такво решение.
Во изминатите денови Трамп јавно вршеше притисок врз Киев еднострано да ги запре нападите со беспилотни летала со голем дострел врз руските нафтени постројки.
Тој тврдеше дека украинските напади врз рафинериите директно придонесуваат за раст на цените на дизелот на американскиот пазар, што претставува политички проблем за Републиканската партија пред конгресните избори следниот месец.
Трамп отиде дотаму што порача дека Украина треба да го замени Зеленски со лидер кој би бил подготвен да постигне договор со Москва.
Пред објавата за енергетското примирје, Трамп предизвика остри реакции од Киев и од сојузниците со соопштението дека постигнал договор со Путин за увоз на руски дизел во САД. Американското Министерство за финансии привремено ги суспендираше санкциите врз рускиот енергетски сектор.
Зеленски го оцени потегот како „подарок за Путин“, кој, според него, помага во финансирањето на руската воена машинерија.
