ВИДЕО: Трет напад врз рускиот технолошки гигант „Јандекс“ за четири дена, прекината многу услуги

Од:

Рускиот технолошки гигант „Јандекс“ целосно ја прекина работата на својот дата-центар во Владимирската област по напад со дронови, објави денеска руската државна новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на компанијата.

Ова е трет напад врз дата-центри на „Јандекс“ во Русија за само четири дена. Претходно, на 8 и 9 октомври, беа погодени центри во Рјазанската и Калушката област.

Нападите предизвикаа сериозни проблеми во работата на услугите на „Јандекс“, вклучително и апликациите за нарачување такси, достава и паметни уреди за домаќинството. Прекини пријавија корисници низ Русија, но и во неколку други земји.

„Јандекс клауд“ утрово соопшти дека има прекини во снабдувањето со електрична енергија во дел од инфраструктурата сместена во дата-центарот во Владимир.

„Во зоната на достапност ru-central1-a има прекини во снабдувањето со електрична енергија. Тимот работи на отстранување на проблемот“, објави компанијата на својот официјален канал на Телеграм.

Рускиот независен медиум „Осторожно новости“ објави дека корисниците на „Јандекс Гоу“ низ Русија не можат да нарачуваат такси. Слични проблеми се забележани и во Србија, Казахстан, Белорусија и Ерменија.

Проблемите ја погодија и апликацијата „Јандекс Про“, која ја користат таксистите и доставувачите. Вработени во компанијата пријавија проблеми со пристапот до внатрешните системи за поддршка, а корисниците пријавија и прекини во работата на паметните уреди за домаќинството на „Јандекс“.

Рускиот независен медиум АСТРА објави дека проблемите со снабдувањето со електрична енергија во Владимир се појавиле по предупредувањата за напад со дронови во областа.

На украинските канали на Телеграм се појавија и фотографии за кои се тврди дека прикажуваат пожар во близина на дата-центарот. „Киев индепендент“ не можеше независно да ја потврди автентичноста на фотографиите, ниту обемот на штетата и прекините во услугите.

Нападот во Владимир следуваше по два напада што „Јандекс“ веќе официјално ги потврди.

Во ноќта на 8 октомври, дронови погодија дата-центар во Сасово, во Рјазанската област. Избувна пожар, а компанијата мораше целосно да ја прекине работата на центарот. „Јандекс“ тогаш соопшти дека сè уште не може да процени кога опремата повторно ќе биде ставена во функција.

Еден ден подоцна, на 9 октомври, беше нападнат и дата-центарот во Калуга. Беа оштетени неколку негови делови, што предизвика дополнителни проблеми во работата на услугите.

„Јандекс“ соопшти дека дата-центрите се клучни за функционирањето на неговите услуги и дека вработените непрекинато работат на отстранување на последиците од нападите.

Компанијата вчера ги измени и условите за користење, вклучувајќи ги нападите со дронови и ракети меѓу околностите на виша сила поради кои може да биде ослободена од дел од договорните обврски.

Зеленски: Секогаш возвраќаме со иста мерка

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 8 октомври изјави дека Украина одговара на руските напади врз нејзините дата-центри.

„Секогаш возвраќаме со иста мерка“, им рече Зеленски на новинарите.

Тој додаде дека Русија ги напаѓа украинските дата-центри и дека не престанала со таквите напади.

Нападите врз објектите на „Јандекс“ се дел од пошироката кампања на украински напади со голем дострел врз инфраструктурата во Русија. Во последните месеци украинските сили сè почесто гаѓаат енергетски и индустриски капацитети, а меѓу целите сега се и дата-центрите, кои се важни за функционирањето на дигиталните услуги.

Би можело да ве интересира

Русија планира атентати врз директори на европски компании кои ѝ помагаат на Украина, пишва „Фајненшл тајмс“

Украина му одговори на Трамп на повикот за смена на Зеленски

Катерина Ѓуровски

Во Црна Гора уапсен шефот на мрежата „Рибар“, поврзана со руските хибридни операции

Катерина Ѓуровски

Американците и Украинците во Мајами разговараат за завршување на војната

Катерина Ѓуровски

„Зеленски го загуби трпението, ги нападна Американците“

ВИДЕО: Зеленски тврди дека Русија ги нападнала бродовите во бугарски води, Софија не потврдува