Претседателот на иранскиот парламент – Мохамад Багер Калибаф, ги предупреди оние што се стремат да доминираат со светот и да ги уништат древните цивилизации дека на крајот ќе се соочат со понижување, повикувајќи се на историските личности Александар Велики и римскиот император Валеријан.
Во објава на платформата „Икс“ синоќа, Калибаф наведе дека низ историјата Иранците се соочувале со сили кои се прогласувале за господари на светот и се обидувале да ги уништат древните цивилизации, но на крајот заминувале со срам.
„Низ историјата, ние Иранците сме се соочувале со оние што тврделе дека се господари на универзумот и се обидувале да ги збришат древните цивилизации. Тие доаѓале во оган и пламен, а заминувале во прав и срам. Оние што го следат наследството на Александар ќе ја доживеат судбината на Валеријан: ќе клекнете на колена“, напиша Калибаф.
Неговата изјава дојде откако портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, го критикуваше начинот на кој американскиот државен секретар Марко Рубио ја претстави западната цивилизација за време на неговата посета на Грција.
Багеи го обвини Рубио дека презентира селективно толкување на историјата, поврзувајќи ја античка Грција со современите Соединети Држави за да ја оправда употребата на сила.
Багеи оцени дека толкувањето на Рубио нагласува моќ и национална волја, игнорирајќи ги критиките за империјалните амбиции, ароганцијата и агресијата што постоеле во грчката традиција.
Тој предупреди дека користењето на историјата како средство за оправдување на воената сила го искривува минатото во служба на денешните политички цели.
Багеи ги повика западните интелектуалци да ја заштитат историската и филозофската комплексност на сопствената цивилизација од такви толкувања.
