Антифашизмот е нашиот темел, борбата за слободна и праведна Македонија е наша обврска, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешниот марш во Прилеп по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, под слоганот „Непокор. Борба. Иднина – 85 години антифашизам“. Во своето обраќање, Филипче истакна дека СДСМ е наследник на државотворните политики и антифашистичките вредности на партизаните, кои пред 85 години ја започнаа борбата за слободата и македонската државност.
„Ние Социјалдемократскиот сојуз сме наследниците на државотворните политики на нашите предци партизаните, на вредносните политики на антифашистичката борба. И затоа денес кога сме соочени со криминална власт која што нè пљачка, нè изолира, повторно имаме историска улога да се бориме за слобода, за правда и за вистина. Повторно да се покаже пркос, да ѝ се спротивставиме на неправдата, да ѝ се спротивставиме на криминалната банда на власт и да ја вратиме државата во служба на народот“, рече Филипче.
Тој нагласи дека историската борба за слобода денес продолжува преку демократска борба против криминалот, корупцијата, неправдата и политиките на власта кои го поткопуваат достоинството на граѓаните.
„Таа улога, таа борба бара храброст, истрајност и одговорност. Ние ја имаме храброста, ја имаме решителноста, а народот е нашата сила. Нашата денешна борба ја водиме со демократски средства, со вистината, со јавниот збор, во Собранието и со гласот на граѓаните“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи дека 11 Октомври не е само датум за одбележување, туку потсетник на огромната жртва на борците кои ја извојуваа слободата и ја поставија основата за создавањето на современата македонска држава.
„Покрај сите наши славни историски датуми, треба да признаеме дека партизаните ја извојуваа најголемата и единствената победа која доведе до првата современа национална држава. Кога ја славиме победата, лесно ја забораваме неизвесноста пред првиот чекор. Лесно е да се биде храбар во говор, осумдесет и пет години подоцна. Во октомври 1941 година, храброста се мерела со тоа дали ќе излезеш од дома, знаејќи дека можеби последен пат ја затвораш вратата зад себе“, рече Филипче.
Филипче истакна дека антифашистичката борба и победата во Народноослободителната војна се нераскинлив дел од македонската државност, од Илинден, АСНОМ до независноста, а обврската на денешните генерации е да го продолжат тој историски пат.
„Од Илинден 1903, преку АСНОМ, од 1944, до референдумот за независност од 1991 година, низ различните историски епохи се провлекува една иста нишка. Тоа се поглавја на една многу, многу долга борба. Илинденците се бореа за слобода и ги поставија темелите на борбата. Асномците ја втемелија државноста. Генерацијата на независност ја создаде суверена и меѓународно призната република Македонија. Генерација за последните 10 години го обезбеди нашето членство во НАТО. А на нас и секоја следна генерација и останува обврската да продолжи таа историска вертикала“, рече Филипче.
Тој порача дека денешната генерација има историска одговорност да ја зачува државата, да ја зајакне економски и да обезбеди иднина во која младите ќе останат да живеат во својата татковина, наместо да бидат принудени да ја напуштаат.
„Да ја чува државата, да ја развива, економски да ја зајакнува и да ја носи напред кон Европа силна и обединета. Пред 85 години нашите предци се бореа да имаме своја држава. Нашата генерација мора да се избори децата да останат да живеат тука дома. И тоа е нашата историска задача“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче порача дека борбата за Македонија денес е борба за достоинството на секој граѓанин, за подобар живот, за правда и за европска иднина, нагласувајќи дека СДСМ нема да се откаже од вредностите врз кои е изградена македонската држава.
