Полската полиција денеска соопшти дека извршила проверки во околу 50.000 училишта и уапсила 79 лица низ целата земја по нападите во училиштата во Остроленка и во близина на Вишкув, како и по спречениот инцидент во Серпц.
Во соопштението се наведува дека за време на проверките биле регистрирани повеќе од 230 инциденти, пренесе порталот „Полсатњуз“ (Polsatnews).
Од полицијата истакнаа дека низ цела Полска се спроведуваат акции за да се обезбеди безбедноста на децата, младите и сите вработени во образовните установи, како и за постојано реагирање на сите пријави.
Во четвртокот, во основното училиште во Лешчидол-Новини, 15-годишник нападнал три лица, меѓу кои и 37-годишен вработен во установата, кој им подлегнал на повредите.
Еден ден претходно, во стручно училиште во Остроленка, деветнаесетгодишен ученик избодел девет лица, меѓу кои пет ученици и двајца наставници.
Полицијата исто така спречила можен напад во училиштето во Серпц, а седумнаесетгодишно момче, кое било уапсено поради закани дека ќе „направи нешто лошо“, е обвинето и задржано во притвор во траење од два месеца.
Училиштата и градинките во Мазовјецкиот регион, каде што се случија нападите, во петокот беа ставени под дополнителен полициски надзор со поддршка на градската стража.
