Во скопскиот Кривичен суд на денешното рочиште во предметот против апелациониот судија Ѓоко Ристов, сведочи неговата мајка Донка Ристова.
Таа рече дека во нивната семејна куќа биле извршени претреси во два наврати.
-Два дена се правеше претрес. Првиот ден, работеле, барале, немало ништо и закажале за утре дента. И тогаш пак барале и на крајот го нашле моето место каде што ги чував парите. Зад работната маса, зад фрижидер. Таму си најдов згодно место, не од сега, не од лани, од 1975 година и што ќе ми останеше некоја паричка, ќе ја отворев една плочка, како прозорче… во фолија си ги ставав паричињата, колку ќе имав толку. Таму имаше 350.000 евра. Тие ми беа гаранција за стари години, за се, за тешки денови. Парите беа 250.000 по 50 евра, а другите 100.000 беа по 500 и 100 евра. Тие парички цел живот се печалени. Од секаде. Од каде ќе продадам роба, ние сме земјоделска куќа. Бостан, диња, пипер, ореви, кајсии, се имавме. Секаде по пазар одев – рече Донка Ристова.
Таа рече дека освен нејзиниот сопруг, никој друг не знаел за парите.
Вели дека ако продала пипер во Прилеп, веднаш купувала марки, потоа евра.
-Не ги броев, но ќе ги пикнев во дупчето од циглите. Кога ќе се стеснеше, во друго, рече Ристова.
Појасни дека ги чувала парите за кога ќе остари да лежи на Геријатрија.
Случајот против Ѓоко Ристов произлезе од истрагата против адвокатот Фехми Стафа, кој беше фатен при примање 20.000 евра, дел од наводно договорени 100.000 евра за противзаконито влијание врз апелациски судија со цел укинување на мерка притвор за Љупчо Пецов.
Стафа ја призна вината, склучи спогодба со Обвинителството и беше осуден на една година и три месеци затвор.
Против судијата Ристов се води постапка за случајот со 350.000 евра пронајдени при претрес во дом на неговите родители во Неготино, за кои Обвинителството соопшти дека не биле пријавени и дека потеклото на средствата не било поткрепено со докази.
