Со испитување на вештото лице во областа на криминалистиката, Атанас Козарев, во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи судскиот процес против апелацискиот судија Ѓоко Ристов. Според вештакот, при обезбедувањето на доказниот материјал не биле применети стандардните процедури и постоела реална можност за внесување или пренос на туѓа ДНК.
Како што изјави вештакот, предмет на неговата стручна анализа биле начинот на постапување на овластените службени лица за време на претресот, извршен на 18 јануари 2026 во Неготино, од аспект на постапување со фолиите и банкнотите каде што биле пронајдени, отворани, раздвојувани, означувани и пакувани.
Козарев при сведочењето изјави дека првпат гледа со доказен материјал да се постапува на начин на кој алуминиумските фолии се отвораат и раздвојуваат, се губи врската меѓу нив и се оставаат на подот, што, според него, укажува на непознавање на основните процедури за ракување со докази. Според вештото лице, на подот можело да има биолошки материјал од повеќе лица и да дојде до контаминација.
Тој посочи оти смета дека документирањето на алуминиумските фолии има огромно доказно значење, со цел да се утврди што точно било пронајдено и во каква состојба.
– Со фотографирањето и означувањето пред отворањето практично треба да се забележи која фолија обвивала определен сноп банкноти, како била свиткана и која била нејзина внатрешна и надворешна страна. Ова е важно за подоцна секој брис за ДНК-испитување да може да се поврзи со конкретната фолија и со точната површина од каде што е земена – одговори тој на едно од прашањата во судницата.
Ако првичната состојба не била документирана, а фолиите потоа се искинат, измешаат или слично, како што било направено во овој случај, како што одговори тој, можело да биде тешко да се утврди дали брисот бил земен од првично надворешната или внатрешната страна на фолијата, со што таа површина допрела до контакт при отворањето. Според вештото лице, неоспорен факт е дека во овој дел овластеното службено лице не постапило според стандардните процедури за собирање докази.
Од расположливите кадри од видео-материјал што му бил доставен, не се забележувало дека секоја фолија пред отворањето е фотографирана од сите релевантни страни, со ознака и мерка.
– Без таква документација не може сигурно да се утврди дали конкретниот брис бил земен од надворешната, внатрешната површина што ги допирала банкнотите, од работ или преклопот, од скинатиот дел или површина што била изложена дури по отворањето – додаде тој.
Секоја трага, потенцираше, мора да има своја идентификациона ознака – а во овој случај, тоа не било така, како што се гледало на фотографии, имало алуминиумски фолии што воопшто не се обележани и што допираат со подната површина во просторијата што не е форензички заштитена.
– Клучен заклучок би бил дека во конкретниот случај, заради отсуството на антиконтаминациски мерки, не е заштитен доказниот материјал во целост и реална е можноста за внесување или пренос на туѓа ДНК – одговори тој на прашањето кој е неговиот личен заклучок од извршеното вештачење.
Обвинителката Искра Хаџи Василева побара да се пушти видео закачено на Јутјуб, од тоа како ракувала италијанската полиција во случај, сличен на овој, за пари пронајдени во ѕид. Имаше приговор, но, судијката даде одобрување.
– Јас сум запрепастен и од ова видео на кое се гледа дека некои имаат, а некои немаат ракавици – рече вештото лице.
Судската постапка против судијата Ѓоко Ристов се води за пронајдените 350.000 евра при претрес во домот на неговите родители во Неготино за кои Обвинителството соопшти дека не биле пријавени и дека потеклото на средствата не било поткрепено со докази.
Јавното обвинителство соопшти дека парите биле пронајдени при претресот на 18.1.2026 година во домот на родителите на судија во Неготино. Спакувани биле во 13 поединечни пакувања, и тоа вкупно 610 банкноти во апоени од 500 евра и 225 банкноти во апоени од 200 евра, од кои некои со обележани рачно испишани износи на средствата, скриени во заѕидан простор во шуплините од тули во ѕидот на една од собите.
Ристов се сомничи дека како службено лице судија во Апелацискиот суд Скопје, спротивно на законската должност за пријавување имотна состојба или нејзина промена, давал лажни податоци за својот имот и за имотот на семејството и не пријавил имот, кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи. Обвинителството тврди дека се обезбедени цврсти докази во однос на сопственоста на паричните средства.
Судскиот процес го води судијката Билјана Коцевска. Следното рочиште е закажано за 9 декември.
