Жителите од Пчиња денеска го блокираа пристапниот пат до депонијата Краста во знак на револт поради горењето на депонијата. Тие бараат целосно гаснење и потрупување на пожарот и мерки за спречување на повторно палење.
Во изјавата за медиумите кажаа дека блокадата е изнуден одговор по повеќемесечно загадување на воздухот и недоволното постапување од надлежните институции. Претседателот на Месната заедница Пчиња, Александар Илиевски, рече дека жителите претходно имале средби со локалната самоуправа, но оти договорените мерки не биле реализирани.
-Оваа блокада е наш изнуден одговор на шестмесечната голгота и постојаното загадување на воздухот поради горењето на депонијата. На последната средба со градоначалникот и директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ беше ветено дека најдоцна до 2 октомври ќе биде ангажирана механизација за гасење на пожарот. Тоа не се реализираше, а последните денови состојбата стана уште потешка – изјави Илиевски.
Тој посочи дека барањата на жителите се целосно потрупување на депонијата, како и конкретни мерки за спречување на повторно палење.
-Доколку не се постапи по нашите барања, ќе останеме на блокада. Нашето здравје ни е најбитно – рече Илиевски.
Жителите не ги спречуваат багерите и противпожарните возила што работат на гасењето. Дел од учениците не се на настава. Дејан Трендевски, жител на Пчиња, информираше дека жителите синоќа донеле одлука да побараат помош и од централната власт. Во барањето, како што рече, ќе се побара формирање владина работна група, инспекциски надзор, извештаи од министерствата за животна средина и здравство, континуирано мерење на квалитетот на воздухот, план за санација и утврдување одговорност.
Стојан Стојковски, жител на Пчиња и член на еколошкото здружение „Пчиња“, рече дека состојбата влијае и врз секојдневниот живот на жителите и децата.
-Срамно е што чекаме да се поправи некоја машина за да дишеме чист воздух. Нашите деца го дишат чадот кога одат и се враќаат од училиште, а родителите велат дека се жалат на печење во грлото и носот-изјави Стојковски.
Тој посочи дека поради чадот дел од родителите денеска не ги испратиле децата на училиште, додека физичкото образование, се одржува во затворен простор. Стојковски побара и поставување мерни станици за квалитетот на воздухот во Пчиња и околните населени места, со јавно објавување на резултатите.
Жителите велат дека ќе продолжат со блокадата доколку не добијат конкретни гаранции и мерки за трајно решавање на проблемот со депонијата Краста. Тие бараат и долгорочно решение за локацијата на депонијата, посочувајќи дека сметаат дека треба да се разгледа можноста за нејзина дислокација.
Во меѓувреме, продолжуваат активностите за гаснење на пожарот и санирање на депонијата. Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ, изјави дека според одлуките на Кризниот штаб, од вчера се ангажирани механизација и цистерни за вода, а денеска на терен се вклучени и два багери за дотур на земја.
-Состојбата не е добра, револтот кај населението е голем. Ќе пробаме за два-три дена да ја доведеме во поподносливо ниво. Имаме машини и ќе вршиме дотур на земја, а системите со вода се тука и постојано работат- изјави Томиќ.
Тој посочи дека блокадата создава проблем и за собирањето на отпадот во Куманово и околните населени места, каде гравитираат повеќе од 100.000 жители.
-Би требало овие камиони за собирање, транспортирање и депонирање на смет, согласно законските прописи, да бидат пропуштани. Не би требало градот да биде заложник- рече Томиќ.
Командирот на ТППЕ Куманово, Борис Станковски, информираше дека пожарникарите од вчера интервенирале повеќе од 20 пати на депонијата.
-Без престан се врши дотур на вода со воден топ, противпожарни црева и друга опрема. Од сабајле сме интервенирале двапати и ќе продолжиме во текот на целиот ден – изјави Станковски.
На депонијата денеска продолжуваат активностите со противпожарна опрема и механизација за дотур на земја, и се бара решение за блокираниот пристапен пат.
