Две лица, татко и син, се убиени, а едно лице е тешко повредено откако напаѓач отворил оган врз ловечка група во близина на Халден, во јужниот дел на Норвешка, соопшти денеска локалната полиција.
Полицијата соопшти дека осомничениот, маж во дваесеттите години, е уапсен на местото на настанот и потоа е приведен во полициска станица.
Според информациите, тој не бил член на ловечката група и е осомничен за убиство.
Според информациите на норвешкиот јавен сервис NRK, пукањето се случило за време на собирање на ловечката група, во моментот кога требало да бидат распоредени местата за лов.
Полицијата околу 7:30 часот по локално време била известена дека повеќе лица се застрелани на една адреса во Халден.
Околу половина час подоцна било соопштено дека полицијата добила информации за пукањето и дека осомничениот е под нејзина контрола.
„Станува збор за многу сериозен и трагичен настан кој тешко погоди повеќе луѓе. Нашите мисли се со семејствата на настраданите“, изјави вршителката на должноста началник на полицијата, Вибеке Шоен.
Општина Халден формирала кризен штаб, изјави за NRK градоначалникот на Халден, Фредрик Холм.
Халден се наоѓа на околу 96 километри југоисточно од Осло, во близина на границата со Шведска.
