Ненадејното заминување на Кристијано Роналдо од националниот тим предизвика реакција и кај првиот човек на земјата, Луис Монтенегро, кој побара од претседателот на федерацијата да ја разгледа ситуацијата.
Португалските медиуми пишуваат дека Монтенегро стапи во контакт со првиот човек на федерацијата, Педро Проенса, и побара од него да разговара со селекторот Жорже Жесус, кој го „разлути“ Роналдо со одлуката да не го внесе во игра на натпреварот против Норвешка.
Португалскиот ас не ја прифати добро таа одлука, па по разговорот со Жесус, во средата вечерта го напушти кампот на репрезентацијата. Тој потег предизвика низа реакции – од соиграчите и навивачите, преку пошироката јавност, па сè до првиот човек на државата.
Дел од медиумите пренесуваат дека премиерот лично разговарал и со самиот Роналдо.
Секако, јасно е дека намерата на премиерот е да ги смири страстите. Со неговата интервенција тоа може и да се случи, или барем главните актери ќе почнат повторно да разговараат за сè што се случило во изминатите 24 часа, а потоа и да ги преиспитаат своите одлуки.
Луис Монтенегро има добри односи со селекторот, поради што особено сакал да разговара со него и директно да ги слушне причините за заминувањето на Роналдо од репрезентацијата среде натпреварувањето.
Во меѓувреме, Роналдо се огласи со порака на својот профил на Инстаграм.
„По прес-конференцијата на селекторот и разговорот со претседателот на Португалската фудбалска федерација, донесов одлука да го напуштам тренинг-кампот на репрезентацијата. Во соодветно време, ќе им ја кажам вистината на сите Португалци за причините што ме поттикнаа да заминам од репрезентацијата, на која отсекогаш сум ѝ бил посветен. Сега е време да им посакам среќа на Португалија и на сите мои соиграчи, без исклучок“, изјави Роналдо.
И покрај сè, Жезус тврди дека сè уште смета на Роналдо.
По натпреварот со Норвешка, тој ја отфрли можноста дека капитенот е отпишан и објасни дека одлуката тој да не влезе во игра била поврзана исклучиво со текот на натпреварот.
Во текот на денот, се огласи близок пријател на португалската ѕвезда и ги откри вистинските причини за незадоволството на Роналдо, а потоа и за неговото заминување од тимот.
Тој тврди дека Роналдо, Жезус и Проенса одржаa состанок по натпреварот со Норвежаните, при што тренерот му се извини на капитенот што го испрати на загревање, а потоа одлучи да не го внесе во игра.
Истовремено, тој му рече на Роналдо дека јавно ќе го каже тоа, но не го стори тоа на прес-конференцијата, каде што, пред новинарите, го избегна делот за извинувањето. Токму поради тоа, според неговиот близок пријател, Роналдо ја напушти репрезентацијата.
