Обвинение за пет интернисти од битолската болница за смртта на 40-годишна жена

Од:

Основното јавно обвинителство Битола, врз основа на спроведена претходна постапка и обезбедени докази, поднесе Обвинителен предлог против петмина лекари-интернисти од битолската клиничка болница “Д-р Трифун Пановски” за сторени – Тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 4 во врска со член 207 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Тие се обвинети дека во периодот од 28.05.2024 до 04.06.2024 година, на Одделот за интерни болести во болницата, несовесно лекувале 40-годишна пациентка, со што предизвикале влошување на нејзината здравствена состојба кое резултирало со смртен исход.

Пациентката се јавила во болницата по претходен преглед и упат од матичен лекар, кој изразил сомнение за воспаление на вените – тромбофлебитис. Но, по почетниот преглед на интерното одделение, без целосна анамнеза и детални анализи, и била поставена дијагноза – ревматоиден артритис и била дадена терапија, по што била пуштена дома.

Како резултат на тоа, не била навремено утврдена вистинската здравствена состојба на оштетената, односно не била откриена и дијагностицирана тромбозата, ниту била навремено преземена соодветна терапија и лекување за таквата состојба, со што била пропуштена реална можност за навремено откривање и лекување на тромботичниот процес кај оштетената, за спречување или ограничување на напредувањето на тој процес, како и на последователното влошување на нејзината здравствена состојба.

На 01.06.2024 година пациентката со силни болки во стомакот и влошена општа состојба повторно се јавила на преглед во болницата. Иако тогаш била хоспитализирана, во следните четири дена, и покрај абнормалните вредности на лабораториските и биохемиските анализи, ниту еден од дежурните лекари не презел дополнителни дијагностички испитувања со цел да се испитаат причините и да се одреди соодветна терапија.

Затоа здравствената состојба на оштетената продолжила значително да се влошува. Попладнето на 04.06.2024 година, таа побарала медицинска помош во приватна клиника во Скопје, каде била примена во тешка општа состојба. При итно извршениот хируршки зафат и била констатирана тромбоза на горната и долната мезентерична артерија со комплетна гангрена на тенкото и дебелото црево. Таа состојба веќе била неоперабилна и на 05.06.2024 година оштетената починала.

Би можело да ве интересира

Четворица крадци пустошеле низ Боговиње: однеле пари, злато и оржје, штетата е 250 илјади евра

Поднесено обвинение за дел од осомничените во предметот со фалсификуваните возачки дозволи

Поднесено обвинение и продолжен притворот на осомничениот за опожарувањето возила пред Амбасадата на Бугарија

Савески: Еден обвинител работи за тројца, но квалитетот на одлуките не е нарушен

Обвинителството бара привор за кумановецот кој му се закануваше на Мицкоски

Катерина Ѓуровски

По грчката акција „Вардарис“ – истрага и притвор за едно лице осомничено за транспорт на над 324 килограми марихуана