Под мотото „Збор на денот: заедница“ вчера во дворот на ЈП „Лајка“ се одржа првиот настан „Чинија љубов“, кој обедини граѓани околу една заедничка цел – подготовка на готвени оброци за бездомните кучиња.
Како што се наведува во соопштението на „Лајка“ благодарение на заедничкиот труд, беа подготвени и поделени вкупно 210 оброци. Со полна чинија беше нахрането секое куче во прифатилиштето, како и кучињата кои се наоѓаат во неговата околина.

Ваквите настани се важни, додаваат оттаму, не само поради непосредната помош што ја обезбедуваат, туку и поради нивната улога во подигнувањето на јавната свест за благосостојбата на бездомните животни. Тие им овозможуваат на граѓаните непосредно да се запознаат со работата на прифатилиштето, со секојдневните потреби на кучињата и со начините на кои можат да помогнат.

-Преку дружење, волонтирање и заедничко учество се развиваат емпатијата и чувството на лична одговорност, но се испраќаат и важни пораки за одговорното сопствеништво, стерилизацијата, вдомувањето и ненапуштањето на домашните миленици. Токму преку вакви средби се надминуваат предрасудите кон бездомните кучиња и се создава заедница која не го набљудува проблемот од страна, туку активно учествува во неговото решавање – нагласуваат од „Лајка“.

Специјална гостинка на настанот беше проф. д-р Наташа Ѓорговска, научен советник при Институтот за сточарство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и авторка на книга посветена на деликатеси и готвени јадења за кучиња и мачки. Таа за настанот подготви посебни деликатеси, додека „Луна Пет Шоп“ ја поддржа иницијативата со донација на суплементи.
-„Чинија љубов“ покажа дека кога луѓето ќе се обединат околу иста хумана цел, и малите индивидуални придонеси можат да создадат голема промена. Настанот не беше само ден во кој беа наполнети 210 чинии, туку и ден во кој се создаваше поголема и посвесна заедница околу бездомните животни – се додава во соопшението.
ЈП „Лајка“ изразува благодарност до сите граѓани, поддржувачи и донатори кои беа дел од настанот и придонесоа ниту едно куче да не остане без полна чинија.
