Обвинителството во Хаг бара казната за Хашим Тачи наместо 25 да биде 31 година затвор

Од:

Специјализираното обвинителство во Хаг, во својот завршен поднесок во постапката против Хашим Тачи што се однесува на попречување на правдата, побара тој да биде осуден на шест години затвор и времето поминато во притвор да не се вбројува во таа казна.

Доколку барањето биде одобрено, Хашим Тачи би можело да биде осуден на вкупно 31 година затвор.

Како што пренесува „Косово онлајн“ (Kosovo Online), според ставот на Обвинителството во Хаг, периодот поминат во притвор може да му се засмета само во случајот во кој тој веќе е осуден на 25 години затвор за воени злосторства.

– Според Правилото 163(6), сите обвинети имаат право времето поминато во притвор пред изрекувањето на пресудата да им се засмета во казната. Сепак, Тачи моментално е во притвор врз основа на два посебни налога за апсење што се во сила: од ноември 2020 година за предметот бр. 6 и од ноември 2024 година за овој предмет. Ваквите ситуации не се невообичаени пред другите трибунали, кои се соочиле со слични околности во кои обвинетиот бил конкретно обвинет за попречување на постапката против него – се наведува во поднесокот.

– Жалбениот совет во предметот „Бемба и другите“ потврди дека, во околности кога обвинетиот поминал време во притвор како резултат на налози за апсење издадени во различни предмети, времето поминато во притвор може да се земе предвид само еднаш. Логично, ваквиот пристап е неопходен за да се постигне основната цел – одвраќањето. Ниту еден обвинет не би бил одвратен од попречување на постапката доколку знае дека времето поминато во притвор на крајот ќе му се одбие од казната и во главниот предмет и во постапката за попречување на правдата – додава Обвинителството.

– Затоа, имајќи предвид дека во текот на целата оваа постапка Тачи истовремено бил во притвор и поради обвиненијата во предметот бр. 6, секое пресметување на времето поминато во притвор треба да се одбие исклучиво од казната во тој предмет – наведува Обвинителството во барањето упатено до судијата кој одлучува за предметот за попречување на правдата.

Што се однесува до другите обвинети во случајот за попречување на правдата, Обвинителството побара три години затвор за Башки Смакај, три години за Исниј Киљај, три години за Фадиље Фазљиу и девет месеци затвор за Хајредин Кучи.

Би можело да ве интересира

Четврти ден протести на плоштадот во Приштина против пресудата во Хаг – најавен е собир во Њујорк пред зградата на ОН

А1он

Неколкумина уапсени на протестите во Хаг по пресудите против водачите на ОВК

А1он

Пресудата е неправедна и разочарувачка, Али Ахмети за пресудата за Тачи

Катерина Ѓуровски

Tачи: Очекувам да бидам ослободен од обвиненијата по сите точки

А1он

Дарко Младиќ: Се сомневаме дека татко ми доживеа уште еден мозочен удар!

А1он

Хаг го отфрли барањето за лекување на генералот Младиќ во Србија