Францускиот претседател Емануел Макрон ги демантираше информациите дека американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) ја известила Франција за можна руска операција со дронови во јужна Европа.
„Можеме да ја демантираме таа информација. ЦИА не ја известила Франција за тоа, а истото го потврди и италијанскиот министер за одбрана“, рече Макрон во заедничко интервју за телевизиите „Франс 2“ и „ТФ1“.
🔴 Pourrait-il y avoir une attaque russe en France sur le modèle de celle survenue à Leipzig ?
🗣️ "Oui. Aujourd’hui la Russie considère l’Europe comme la profondeur stratégique de l’Ukraine. (…) La Russie multiplie les actes hostiles et parfois criminels à l’égard des pays… pic.twitter.com/qoWjQfKZTA
— TF1Info (@TF1Info) September 24, 2026
Шпанскиот дневен весник „Ел Мундо“ во четвртокот објави дека ЦИА предупредила неколку влади во јужна Европа за можна руска операција. Според тие наводи, можни цели биле локации во Шпанија, Франција и Италија.
Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето исто така ги демантираше написите.
„Информацијата што утрово ја објави шпанскиот весник за можни напади на руски бродови и дронови врз Италија, Шпанија и Франција никому не му користи и не е потврдена“, напиша Крозето на платформата „Икс“.
Тој додаде дека Европа „веќе живее во тешки и напнати времиња“ и дека „нема потреба од дополнително заострување на ситуацијата“.
Макрон во интервјуто зборуваше и за, како што наведе, руската хибридна кампања против Европа. Тој го спомена и нападот со дронови врз аеродромот Лајпциг/Хале во Германија во ноќта меѓу 4 и 5 август, кој германските власти го припишаа на Русија.
Францускиот претседател рече дека Франција досега не била цел на сличен напад, но оцени дека такво сценарио е можно.
„На прашањето дали тоа може да се случи, мојот одговор е да“, изјави Макрон.
Тој рече дека Русија ја смета Европа за „стратешкото срце на Украина“ и оцени дека можноста за руски напад на европска територија постои.
„Постојат неколку јасни знаци кои укажуваат дека Русија се подготвува за таков чекор“, рече францускиот претседател.
Зборувајќи за наводните планови на Москва за нова мобилизација, Макрон оцени дека мобилизација на околу 300.000 луѓе е „веродостојно сценарио“ за кое, како што рече, често се зборува.
Според него, тоа би укажувало на подготвеност на Москва за дополнителни човечки загуби со цел да го освои целиот Донбас. Макрон процени дека, со сегашното темпо, на Русија би ѝ биле потребни меѓу една и пол и две години за да ги освои териториите во тој регион кои сè уште не ги контролира.
