Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека Македонија треба да ги замени декларативните заложби за европска интеграција со конкретни резултати, проекти и реформи.
Говорејќи на 75. дијалог-сесија на Националната конвенција за Европската Унија во земјата (НКЕУ-МК), посветена на придонесот на структурираниот дијалог кон евроинтегративниот процес, Тошковски рече дека е време институциите, организациите и поединците со личен пример да покажат дека ги применуваат европските вредности.
„Мислам дека е крајно време во Македонија, освен тоа што говориме дека сме посветени на патот кон евроинтеграциите и дека сакаме да бидеме дел од европското семејство, говириме за европски вредности, малку да почнеме и да поработиме на тие европски вредности“, рече Тошковски.
Тој нагласи дека конкретни резултати треба да се покажат во сите сфери – од институциите и судството до обвинителството, општините и граѓанскиот сектор.
Според него, принципите на праведност, правичност, еднаквост и владеење на правото треба да важат еднакво за сите.
„Добро е да соработуваме. Добро е да вложуваме во нашиот европски пат, но добро е принципите на нормалност, праведност, правичност, право, правда, еднаквост, реципроцитет, исполнителност и така натаму, кои се дел од основните принципи во рамките на еден нормален правен поредок, како што важат за другите, така да важат и за нас“, рече министерот.
Тошковски се осврна и на досегашниот тек на евроинтегративниот процес, при што рече дека земјата повеќепати се соочувала со неисполнети очекувања. Тој порача дека вложениот труд и спроведените реформи треба да бидат препознаени, а крајната цел на процесот треба да биде подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Министерот посочи и на одредени технолошки и институционални достигнувања за кои смета дека можат да бидат позитивен пример.
„Не затоа што треба некој да ни донира нешто, не затоа што треба некој да ни даде нешто, туку затоа што тоа сме го заслужиле, сме го сработиле. Сме дале многу енергија во рамките на тој процес и полека, полека има видливи резултати“, рече Тошковски.
Тој им се заблагодари на претставниците на граѓанскиот сектор, академската заедница и меѓународните партнери за придонесот во реформските процеси, но нагласи дека главната одговорност за спроведувањето на реформите е кај домашните институции и граѓаните.
„Ние самите треба да ги засукаме ракавите и да си ја сработиме работата што треба да си ја сработиме. Треба да имплементираме проекти, треба да видиме резултати, сè со цел да оставиме подобра Македонија од онаа што денес ја имаме. Мислам дека нашите деца заслужуваат подобра Македонија од онаа во која денес живееме“, заклучи Тошковски.
Во своето излагање тој додаде дека Македонија во изминатите години често се соочувала со предизвици и неисполнети очекувања на европскиот пат. Сепак, тој посочи дека државата успеала да покаже одредени видливи резултати и технолошки придобивки во институциите за кои може да послужи како позитивен пример.
Нагласи дека многупати досега ние сме биле тие што сме биле излажани во процесот, „кои сме требале да дадеме нешто за да добиеме нешто, а притоа сме дале речиси сè, а многу малку сме добиле од она што сме очекувале и дека треба да го добиеме и она што е праведно и правично“.
