Ангелов: И јас укажував на слабостите, но состојбата е значително подобрена

Од:

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, во одговор на наодите на Државниот завод за ревизија, вели дека слабостите на Системот за управување со кризи, заштита и спасување на кои укажува ДЗР, во суштина се слабости на кои тој укажувал и како директор на ЦУК, но и сега како директор на ДЗС.

Дел од овие слабости, според него, значително се намалени со минатогодишните измени и дополнувања на Законот за управување со кризи, а дел со измените и дополнувањата на Законот за заштита и спасување од јуни оваа година.

Во делот на ресурсите, Ангелов вели дека состојбата значително е подобрена. Ова лето, по повеќе години, ер тракторите биле навремено сервисирани и ставени во функција пред почетокот на сезоната на пожари на отворен простор. Бројот на противпожарни возила, како што посочува, последните неколку години постепено се зголемува, вклучувајќи ги и специјалните возила на ДЗС – 23 пинцгауери, 15 БТР и 5 хермелини, пренаменети во противпожарни возила.

Во делот на унифицираното командување со силите за заштита и спасување, според Ангелов, е направен значаен исчекор со додавањето на нов став 5 во членот 108:

„Во акции кои бараат итна интервенција републичките сили за заштита и спасување се ангажираат со одлука на директорот на Дирекцијата.“

Со оваа измена, вели Ангелов, се прескокнуваат сите претходни бирократски усложнувања и успорувања во итни ситуации, бидејќи директорот на ДЗС е овластен да нареди ангажман на која било единица или дел од единица од Силите за заштита и спасување.

Тој појаснува дека овие сили, наједноставно кажано, се составени од сите пожарникари во државата, сите вработени лица во ДЗС или ангажирани со договор на дело во ДЗС, како што се посадите на специјалните возила, како и припадниците на Тимовите за брз одговор на ДЗС.

Ангелов посочува дека ова лето ангажманот на доброволни пожарникари преку Тимовите за брз одговор на ДЗС бил неспоредливо повисок во однос на минатите години, со што, според него, била избегната потребата од поддршка на операциите за гаснење на комплексни пожари со припадници на Полицијата и Армијата.

„Исто така, ова лето немаше потреба од барање на меѓународна помош. Напротив, за прв пат од постоењето, ДЗС во Европскиот механизам за заштита и спасување декларираше два ер трактора за помош на други земји“, вели Ангелов.

И покрај постоечките слабости и недостатоци, според него, ова лето Македонија најуспешно досега се справила со пожарите на отворен простор.

Ангелов додава дека реформите на Системот за управување со кризи, заштита и спасување продолжуваат во насока на создавање една единствена институција која ќе ги обедини функциите на ЦУК и ДЗС.

Би можело да ве интересира

Македонија е неподготвена за природни катастрофи, недостиг на пожарникари, опрема и стратегија

Работните спорови ја чинеле државата 64 милиони евра, тројно зголемен бројот на тужби

Нема активни пожари, два се под контрола, а 14 изгаснати

Вкупно 12 пожари на отворен простор, нема активни, еден под контрола

Милиони евра за неискористена опрема, адитив со истечен рок и спорни анекси – ДЗР откри низа пропусти во јавните набавки на ЕСМ

Катерина Ѓуровски

Нема активни пожари, а еден е под контрола – кај село Белица и Јасен