Централната воена команда на Иран соопшти дека располага со информации според кои САД, со поддршка од некои регионални држави, планираат повторно да започнат воени операции против Иран. За тоа известија иранските државни медиуми.
Во соопштението се наведува дека секој американски напад би предизвикал континуирани напади врз американските бази и интереси во регионот. Иран предупреди и дека државите што би ја поддржале американската воена операција ќе ги смета за учесници во конфликтот.
Иранскиот безбедносен функционер Мохсен Резаи во саботата за „Ал Џезира“ изјави дека Техеран преку посредници ги пренел условите за продолжување на преговорите за завршување на војната со САД.
Според него, условите се прекин на воените дејствија на сите фронтови, одмрзнување на иранските средства и укинување на поморската блокада.
Резаи потврди дека продолжуваат консултациите со посредниците од Катар и Пакистан и дека Техеран го очекува одговорот од американскиот претседател Доналд Трамп.
Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, изјави дека Иран нема да го отвори Ормускиот Теснец додека не бидат исполнети иранските услови и додека САД не ги исполнат своите обврски.
Галибаф оцени дека Иран мора истовремено да се бори и да преговара. Тој додаде дека Техеран ќе користи воена сила против своите противници, додека дипломатијата ќе ја користи за консолидирање на воените успеси кога за тоа ќе дојде моментот.
Во услови на зголемени тензии во регионот, американската амбасада во Израел во саботата навечер издаде безбедносно предупредување.
Американските граѓани на Блискиот Исток беа повикани на „исклучителна претпазливост“, а беа предупредени и на можни откажувања на летови, затворање на воздушниот простор и отежнато патување.
Во предупредувањето се наведува дека Хутите, во конфликтот со Саудиска Арабија, гаѓале цивилни аеродроми и се додава дека „воениот конфликт може брзо да ескалира“.
„Американците кои патуваат во регионот или го напуштаат регионот треба да ги следат информациите за работата на аеродромите и авиокомпаниите“, се наведува во предупредувањето.
Во меѓувреме, директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ретклиф, во неделата во Каиро се сретна со египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси.
Сиси на средбата ја истакнал „исклучителната важност од решавање на регионалните кризи по политички и дипломатски пат“, соопшти неговиот кабинет.
Посетата на Ретклиф уследи неколку дена по престојот на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман во египетската престолнина.
