Гледачите на Радиотелевизија на Босна и Херцеговина (БХРТ) утрово наместо редовната емисија „Јутро за све“ на екраните ги пречека порака дека јавниот сервис е принуден да го намали програмот.
Поради долготрајната финансиска криза и блокадата на сметките, БХРТ драстично го намали обемот на програмата. Покрај изданието на утринската програма во работните денови, прекинато е и викенд-изданието „Јутро за све“, како и попладневната емисија „БХТ1 уживо“, која се емитуваше шест сезони.
Сметките на БХРТ се целосно блокирани од 21 август. Од јавниот сервис велат дека, и покрај повеќекратните апели до надлежните институции, досега не е понудено решение ниту конкретна помош.
Програмата веќе извесен период се реализира без обезбедени финансиски средства и надоместоци, благодарение на ангажманот на вработените.
Уредникот на Информативната програма на БХТ1, Дејан Петровиќ, изјави дека прекинот на една од најгледаните емисии бил неизбежен, но и тежок чекор за редакцијата.
„Многу сме тажни денес во Телевизија Босна и Херцеговина, конкретно во информативната програма на БХТ1, затоа што моравме да преземеме ваков радикален чекор и една од најгледаните емисии да ја тргнеме од екраните. Причината е многу едноставна – веќе не сме во можност да одиме на терен и да бидеме во сите краишта на Босна и Херцеговина“, рече Петровиќ.
Тој додаде дека за состојбата се одговорни политиките и надлежните институции кои, како што рече, со месеци и години не ги слушаат апелите од Радиотелевизискиот дом.
Од БХРТ порачаа дека, и покрај тешките услови, вработените ќе продолжат професионално да ја извршуваат својата работа и да работат во интерес на јавноста сè додека постојат минимални услови за тоа.
