Општина Центар во понеделник ќе спроведе нова вонредна дератизација на локации каде што е забележано зголемено присуство на глодари. Од Општината велат дека претходната вонредна акција била спроведена пред само еден месец.
Според информациите од Општина Центар, од почетокот на годинава досега е спроведена редовна пролетна дератизација на целата територија, како и две вонредни акции на критични локации. Во октомври е планирана и редовната есенска дератизација.
Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека општинските служби ја следат состојбата на терен и интервенираат каде што има потреба, но дека дератизацијата сама по себе не е доволна за трајно решавање на проблемот.
„Последната вонредна дератизација ја спроведовме пред само еден месец, а во понеделник повторно излегуваме на терен. Редовно преземаме мерки, но мора да се отстранат и причините што создаваат услови за појава на глодари. Нередовното чистење на контејнерите и натрупувањето отпад се сериозен проблем“, рече Герасимовски.
Тој апелираше граѓаните редовно да ги одржуваат дворовите, подрумите и заедничките простории во станбените објекти и отпадот да го оставаат на соодветни места.
При вонредната дератизација ќе се третираат шахти, просторот околу контејнерите и други ризични точки каде што е забележано или пријавено присуство на глодари.
Од Општина Центар велат дека ќе продолжат со засилено следење на состојбата на терен.
