СВР Скопје го утврди идентитетот на жената која беше снимена како со автомобил „Порше“ фрла отпадоци во реката Лепенец, кај мостот на улицата „Скупи“.
Како што информира МВР, денеска (17.09.2026) во 11:45 часот во Полициската станица од општа надлежност Карпош била повикана М.И.Б. (38) од Скопје, по претходно објавените видеоснимки на социјалните мрежи на кои се гледа како непознато женско лице со патничко моторно возило „Порше“ фрла отпадоци во реката.
По преземените мерки и активности, полицијата го утврдила идентитетот на лицето, кое било повикано во полициската станица, каде што бил извршен службен разговор.
По целосното документирање на случајот, на жената ѝ е изготвен платен налог согласно член 14 став 1 од Законот за јавна чистота, поради фрлање амбалажа надвор од местата определени за таа намена.
Дополнително, изготвен е записник со платен налог согласно член 63 став 6 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, поради непрописно паркирање на патничкото моторно возило на коловозна лента.
