Критичните минерали стануваат стратешки приоритет, Македонија истражува антимон и планира развој на бакарот

Од:

Критичните минерали сè повеќе се наоѓаат во центарот на глобалните економски и безбедносни политики. Во својот нов извештај, ОЕЦД укажува дека побарувачката за овие суровини е на рекордно ниво поради нивната важност за технологијата, националната одбрана и енергетската транзиција.

Извештајот посочува дека развојот на рударскиот сектор е проследен со низа предизвици, особено во делот на ископувањето и преработката на минералите. За намалување на ризиците, аналитичарите препорачуваат подобро следење на потеклото на суровините, сопственичката структура на клучните капацитети и нивното движење низ синџирот на снабдување.

ОЕЦД дополнително ги повикува властите да ги мапираат националните капацитети и да ги идентификуваат ресурсите со стратешко значење за идниот развој.

Во овој контекст, Северна Македонија располага со потенцијали во областа на критичните минерали. Кај Крива Паланка се спроведува геолошко истражување за утврдување на количината на антимон, на локација каде што овој минерал бил експлоатиран во минатото. Проектот е поддржан преку Стратешкиот дијалог со САД.

Иловица, пак, претставува потврдено наоѓалиште на бакар за кое постои инвестициски план. Истражувањата започнале во 2004 година, а досегашните тестирања покажале 84-процентна искористливост на бакарот.

Планираното производство на комплексот Иловица–Штука е проценето на 16 илјади тони бакар годишно. Во предфизибилити студијата се наведуваат 237 милиони тони ресурси и резерви, како и 225 милиони тони руда.

Инвеститорот наведува дека проектот е дизајниран како модерен рударски комплекс, усогласен со принципите на Агендата на ОН 2030 за одржлив развој.

Токму бакарот е еден од металите за кој изминатиов период се почесто се зборува на светско ниво, поради рекордните цени поттикнати од високата побарувачка на индустријата. Овој проблем резултира и со несекојдневни чекори помеѓу конкурентски компании кои веќе започнаа да потпишуваат и Меморандуми за соработка за проекти за ископ на бакар. Австралиската компанија BHP, најголемата светска рударска компанија, и KGHM – Полска, ги здружија силите во потрагата по нови наоѓалишта на бакар ширум светот. KGHM е вториот најголем светски производител на сребро и најголемиот производител на бакар во Европската Унија, со активности во Полска, како и во САД, Канада и Чиле. BHP управува со големи рударски и ресурсни проекти низ Австралија, Канада, Чиле, Перу, Бразил и Соединетите Американски Држави.

„На светот ќе му биде потребен повеќе бакар, поради традиционалниот економски раст, но и енергетската транзиција и дигиталните инвестиции. Фокусирани сме на остварување раст со висок принос преку иновативни партнерства како ова“, изјави Брендон Крејг, извршен директор на BHP.

„Меморандумот за разбирање обезбедува платформа за соработка меѓу KGHM и BHP и го одразува нашиот заеднички интерес за размена на гледишта и истражување на потенцијални можности за идна соработка. Размената на искуства меѓу рударските компании што работат во различни региони и јурисдикции би можела да донесе придобивки за целата индустрија“, оцени Ана Собиерај-Козакјевич, потпретседателка на KGHM.

Инаку, за да се надминат проблемите со потеклото и недостигот од критични минерали, ОЕЦД препорачува повеќе мерки.

„Сегашните алатки за следење на критични минерали остануваат фрагментирани, при што многу системи се развиваат во рамките на поединечни компании, а не преку сеопфатни рамки достапни низ целата индустрија. Таа фрагментација може да оневозможи да се дознае кој ги контролира критичните минерали. Трговците имаат највисоки стапки на имплементација на системи за следење, додека рударите имаат најниски. Компаниите, исто така, се соочуваат со трошоци и оперативни проблеми. Испитаниците во анкетата на OECD рекоа дека главен приоритет треба да биде поголема регулаторна конзистентност и споделувањето на податоците помеѓу земјите, со компаниите и со јавноста“, се потенцира во извештајот.

На краток рок, Организацијата бара владите повеќе да ги користат системите што им се на располагање – да ги мапираат добавувачите и билатералните договори за минерали. На среден рок, властите ќе треба да ги зајакнат податоците, ангажирајќи се повеќе со производителите, берзите и топилниците. Долгорочните мерки би барале меѓународна соработка за споделување на податоци за прекугранично следење и усогласување на стандардите. ОЕЦД соопшти дека клучна е соработката и меѓу организациите, вклучувајќи ги Г7 и Меѓународната агенција за енергетика, заедно со трговските партнери, како и Европската Унија.

Би можело да ве интересира

Димов: „Иловица–Штука“ е големо наоѓалиште, сега е критичен момент Македонија да ги искористи своите ресурси

Критичните минерали се приоритет за Европа, а Македонија има потенцијал со само една активна инвестиција

Горан Наумовски

Пад од 5,9% во рударството, пад и на бројот на рудари – новите инвестиции се гледаат како излез

Горан Наумовски

Светот ги менува правилата во рударството – владите стануваат директни партнери во стратешките проекти

„И здравје и работа“: Да градиме рударство што создава работа, развој и сигурна иднина

Македонија има потреба од одржливо рударство – „Иловица-Штука“ како можност за нов стандард