Деко за изборот за „Златната топка“: Тоа е светски скандал!

Од:

Спортскиот директор на Барселона, Деко, изјави дека е изненаден што двајца од играчите на клубот не се номинирани за „Златната топка“.

Во интервју за радиостаницата „El Món a RAC 1“, тој се осврна и на низа други теми поврзани со клубот, вклучително и причините поради кои Барселона минатото лето не го ангажираше Бернардо Силва, актуелниот играч за врска на Реал Мадрид.

Деко изрази задоволство од почетокот на сезоната под водство на новиот тренер Ханси Флик и даде целосна поддршка за спортскиот проект на клубот.

„Знаев дека ќе стартуваме добро и силно, со оглед на она што го видовме на подготовките. Постигнувањето толку многу голови е посебно, но искрено, повеќе ме радува секојдневната работа отколку самите натпревари“, рече Деко.

„Кога ќе го видите нивото на тренинзите, самодовербата и духот на тимот, а она што се случува на натпреварот сепак позитивно ве изненадува, тоа носи уште поголемо задоволство и спокојство“ вели тој.

Деко објасни зошто Барселона се откажа од ангажманот на Бернардо Силва. Тој нагласи дека португалскиот репрезентативец не се вклопува ниту во спортските, ниту во финансиските планови на клубот.

„Бернардо е играч што високо го ценам, еден од најдобрите во светот во последните години, но неговата позиција не одговараше на профилот што го баравме“, рече Деко.

„Имавме информации дека тој сака да дојде, што сигурно ќе ни донесеше квалитет, но тоа не се вклопуваше во нашата економска рамка. Ние не му ветуваме на ниту еден играч место во почетниот состав. Ние му го обезбедуваме на тренерот она што му е потребно, а ако играчот сака нешто друго, слободен е да си замине“ рече Португалецот.

Деко ги откри и деталите околу обидот да се доведе Родри. Тој призна дека клубот воопшто не очекувал дека играчот за врска на Манчестер Сити ќе биде достапен на пазарот.

„Пред неколку месеци, воопшто не размислувавме за Родри бидејќи мислевме дека нема да го напушти Манчестер Сити, особено што сè уште имаше една година од договорот“, рече тој.

„Кога се појавија информации за можно заминување, стапив во контакт со спортскиот директор на Сити, Уго Вијана, за да ја проверам ситуацијата. Тој ми потврди дека Родри има понуда за продолжување на договорот, но и дека клубот нема да може да го задржи доколку пристигне соодветна понуда“ порача Деко.

Барселона потоа му ја претстави можноста на Флик и, откако тој даде согласност, стапија во контакт со агентот на играчот. Кога го прашаа дали би бил загрижен доколку Родри замине во Реал Мадрид наместо во Барса, Деко беше краток: „Во тој случај, ќе мораме да разговараме со него“.

Деко ја пофали формата на Рафиња и истакна дека крилниот напаѓач е среќен во клубот, како и дека верува оти тренерот Флик успеал да го извлече максимумот од него.

„Секој играч има своја гордост. Рафиња си го заслужи местото во клубот и соиграчите го почитуваат. Тој е среќен овде, а тоа е важно“, рече тој.

На прашањето за продолжувањето на договорот, кој важи до 2028 година, тој одговори: „Постојано ја следиме ситуацијата со нашите играчи за да не нè изненадат прашањата околу продолжувањето на соработката. Тука се и принципот на заслуги и балансот на платите, така што ќе разговараме со него“.

Деко безрезервно го поддржа Ламин Јамал во трката за „Златната топка“ во 2026 година и го посочи како главен фаворит.

„Мислам дека тој е кандидат број еден, немам никакви сомнежи за тоа. Имаше одлична сезона со Барселона и беше клучен во освојувањето на првенството“, рече тој.

„Го сакам фудбалот. Тоа е како кога Лео ја освои ’Златната топка‘ бидејќи беше најдобар. И тука нема многу простор за дебата“ порача Деко.

За Пау Кубарси рече дека е најголемиот дефанзивен талент во денешниот фудбал.

„За мене, тој е Ламин Јамал меѓу дефанзивците. Тој е најимпресивниот талент што сум го видел“, изјави Деко.

„Постојано разговарам со Бојан за развојот на играчите. Она што го постигна Кубарси е неверојатно – од начинот на кој се развиваше, до начинот на кој го води тимот и внимава на деталите“.

Деко остро го критикуваше изоставувањето на Педри и Рафиња од списокот на кандидати за „Златната топка“.

„Тоа е светски скандал. Не ги разбирам тие списоци ниту критериумите според кои се составуваат, но очигледно е дека постои неправда во тие награди“, рече тој.

„Тешко е да се прифати фактот дека Педри и Рафиња не се на списокот, со оглед на нивниот талент“ рече поранешниот фудбалер.

Би можело да ве интересира

Објавени 30-те кандидати за „Златната топка“ – Меси пак е на листата

А1он

Француската полиција спречила обид за киднапирање на Мбапе

Кој против кого во фудбалската ЛШ – ПСЖ ќе игра против Сити, Барселона и Рома

А1он

Незапирливиот Роналдо се врати со гол: Само 23 гола го делат од историската цифра од 1.000

Ливаковиќ се сели во Барселона

А1он

Пазарот полуде: Три трансфери над 100 милиони фунти

Предраг Петровиќ