Мерц по триумфот на AfD: „Овој резултат ја менува Германија“

Од:

Понекогаш политичарите кои веќе немаат многу што да кажат сепак заедно излегуваат пред новинарите. Токму таков впечаток остави настапот на германскиот канцелар Фридрих Мерц и премиерот на Саксонија-Анхалт, Свен Шулце. Тие ги коментираа резултатите од покраинските избори.

За конзервативците од редовите на CDU, тоа беше тежок пораз. Мерц делуваше видно погоден. Сепак, му се заблагодари на Шулце за изборната кампања, а потоа предупреди:

„Вчерашниот ден не ја промени само Саксонија-Анхалт, туку и цела Германија. Тоа ќе има последици, вклучително и меѓународни.“

Канцеларот притоа посочи дека Алтернативата за Германија (AfD), партијата која победи на изборите, ја отфрла германската поддршка за Украина и дека бројни нејзини политичари одржуваат блиски врски со кругови околу рускиот претседател Владимир Путин.

Во продолжение на обраќањето, Мерц настапи многу поодлучно. Тој рече дека односот на политичките сили може да се менува и дека демократските партии мора да го прифатат тоа.

Но, како што додаде, го загрижува фактот што во Саксонија-Анхалт околу 60 отсто од гласачите поддржале партии кои, според неговото мислење, имаат проблем со основните начела на правната држава. Притоа, не мислеше само на AfD, туку и на Сојузот на Сара Вагенкнехт (BSW) и Левицата.

Спротивно на тоа, истакна канцеларот, неговата влада ќе продолжи да ги брани уставните вредности.

„За тие вредности нема дискусија. Кај нас власта се доверува, а не се освојува. А малцинството не е непријател на мнозинството“, рече Мерц.

Многумина овие зборови ги протолкуваа како алузија на начинот на кој нацистите своевремено дошле на власт во Германија.

Истовремено, канцеларот се обиде да ги смири партнерите во Европската Унија и НАТО.

„Знаеме дека Германија поради својата историја носи посебна одговорност. Секогаш ќе го чуваме нашиот политички поредок и нашата цврста вкоренетост во Европа.“

Додека Мерц зборуваше, Свен Шулце главно молчеше. Тој уште во изборната ноќ јасно порача дека големото незадоволство на граѓаните од сојузната влада во Берлин сериозно ѝ наштетило на неговата CDU во кампањата.

Сепак, најлошото сценарио било избегнато, смета тој: AfD не освои апсолутно мнозинство во покраинскиот парламент во Магдебург, иако многу му се приближи.

Тука почнува новиот проблем за Мерц. Во неговата CDU расте нервозата, но и незадоволството.

Се поставува прашањето дали канцеларот може да спречи одредени пратеници на CDU, и покрај официјалната партиска линија, да го поддржат победникот на изборите, Улрих Зигмунд од AfD, при изборот на нов премиер.

Доколку не успее во тоа, Мерц би можел да се соочи со сериозни проблеми и како канцелар и како претседател на CDU.

И покрај изборниот пораз на неговата партија, Мерц продолжува да ги брани реформите на сојузната влада. Меѓу нив е и реформата на пензискиот систем, која е особено непопуларна и беше една од главните теми во кампањата во Саксонија-Анхалт. Многу граѓани сметаат дека промените ќе им го отежнат заминувањето во пензија.

Уште во изборната ноќ, вицеканцеларот и претседател на SPD, Ларс Клингбајл, предложи владата да преиспита дел од реформскиот курс. Од Мерц, сепак, немаше ниту навестување за таков пресврт.

Неколку часа пред Мерц да се обрати пред јавноста во Берлин, настапи и изборниот победник Улрих Зигмунд. Носителот на листата на Алтернативата за Германија во Саксонија-Анхалт саркастично им се заблагодари на медиумите од главниот град кои во текот на кампањата го претставувале како закана за демократијата и правната држава.

„Успеавме и благодарение на вас“, им рече Зигмунд на новинарите.

Неделникот „Шпигел“ неодамна на насловната страница го нарече „најопасниот човек во Германија“. Зигмунд сега возврати со тврдење дека постои огромен јаз меѓу голем дел од медиумите и реалноста во која живеат жителите на Саксонија-Анхалт.

„Никогаш тој јаз не бил поголем“, рече тој.

Сепак, избегна директно да одговори на прашањето дали изборниот резултат го гледа како мандат за формирање влада, дури и без сопствено мнозинство.

Една работа, сепак, ја порача јасно: не сака коалициски партнер. Тој сака AfD да владее самостојно.

Засега, сепак, за тоа нема доволно гласови. Затоа за политичкиот земјотрес во Саксонија-Анхалт во Германија веројатно ќе се зборува уште денови, а можеби и недели.

Би можело да ве интересира

„Политико“: АфД пред историска победа – Мерц се соочува со „политичко понижување“

АфД е пред историска победа, Мерц е под силен притисок пред клучните избори

Германско-француски тандем во трка со времето

Мерц: Се залагам за предлогот за придружно членство во ЕУ за Украина и Западен Балкан

Горан Наумовски

Фридрих Мерц: Русија нема шанси за победа

Посилна Европа, посилно НАТО: Самитот во Анкара со нова визија за безбедноста