Владата на Србија соопшти дека на денешната седница го усвоила предлогот на премиерот Ѓуро Мацут и му го доставила на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Мацут претходно, на вонредна владина седница, предложи распуштање на Собранието, што претставува неопходен прв чекор за распишување предвремени парламентарни избори.
Мацут порача дека изборите се можност за зајакнување на институциите, намалување на тензиите и за враќање на политичката борба од улиците во институциите.
„Изборите никогаш не биле знак на слабост на државата. Тие се доказ за нескршливата сила на демократска Србија, која безрезервно му верува на својот народ. Ние им веруваме на граѓаните на Србија и веруваме во обединета Србија. Затоа предлагам Владата на Република Србија, во согласност со Уставот, да му предложи на претседателот да го распушти Народното собрание и да распише избори за пратеници“, изјави Мацут на седницата.
Тој нагласи дека Владата во сегашниот состав ќе продолжи да ги извршува своите обврски со иста енергија, одговорност и динамика сè до изборот на нов владин состав.
„Мандатот има свој крај, но одговорноста кон државата трае секој ден. Уверен сум дека патот што го трасираше и оваа влада ќе продолжи и во иднина“, истакна Мацут.
Доставувањето предлог за распуштање на Народното собрание е неопходен процедурален чекор за распишување предвремени парламентарни избори.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претходно изјави дека изборите ќе ги распише најдоцна на 9 или 10 септември, а гласањето ќе се одржи на 18 или на 25 октомври.
Претседателот треба да го донесе указот за распуштање на парламентот во рок од 72 часа. Со одлуката за распишување на изборите се утврдува и денот на гласањето, кој мора да биде неработен ден.
Според законот, парламентарните избори ги распишува претседателот на државата, а од нивното распишување до денот на гласањето не смеат да поминат помалку од 45 ниту повеќе од 60 дена.
Распуштеното Народно собрание може да извршува само тековни или неодложни работи утврдени со закон, а не може да биде распуштено за време на воена или вонредна состојба.
Српскиот парламент има 250 пратеници, кои се избираат со мандат од четири години. Актуелниот парламентарен состав беше конституиран на 6 февруари 2024 година, по изборите одржани на 17 декември 2023 година.
