Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска изјави дека Иран веднаш ќе возврати со исполнување на своите обврски доколку Соединетите Американски Држави повторно се придржуваат до обврските од привремениот договор постигнат во јуни. Тој оцени дека Вашингтон, помалку од две недели по потпишувањето, почнал да поставува прекумерни барања и да ги прекршува договорените обврски.
– Јасно кажувам дека, доколку САД се вратат кон исполнувањето на своите обврски од Меморандумот за разбирање, Исламската Република Иран веднаш ќе го стори истото, изјави Пезешкијан на Самитот на Шангајската организација за соработка во Бишкек, пренесоа иранските државни медиуми.
Тој додаде дека Иран, за разлика од САД, има „угледна историја на почитување на меѓународните обврски и договори“ и дека „секогаш постапувал во согласност со принципите на меѓународното право“.
