ВИДЕО: Сојузниците на Украина се собраа во Киев, ЕУ ја засилува помошта

Од:

Новиот британски премиер Енди Барнам пристигна во Киев, што е неговата прва официјална посета на странство откако минатиот месец ја презеде функцијата.

Барнам во Киев, заедно со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, копретседава со состанокот на таканаречената „Коалиција на волните“, која ги обединува земјите што ја поддржуваат Украина.

Посетата се совпаѓа со најавата дека Велика Британија ќе ѝ помогне на Украина во воспоставување домашно производство на далекуметни ракети.

Британската влада соопшти дека одобрила одбранбената компанија „МБДА“ да сподели доверливи податоци за компонентите на далекуметната ракета „Скалп“.

Бидејќи ракетата користи британска и француска технологија, одлуката ќе им овозможи на Франција и Украина да ги реализираат плановите за производство на овие ракети на украинска територија.

Од британската влада велат дека овој потег е дел од пошироките напори на Обединетото Кралство преку проектот „Брејкстоп“ забрзано да развие евтино и напредно далекуметно оружје за Украина.

Состанокот на „Коалицијата на волни“ се одржува во хибриден формат, при што дел од учесниците се присутни во Киев, а други се вклучуваат преку видеоврска.

Средбата се одржува на 35-годишнината од независноста на Украина.

Во пресрет на состанокот, украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата се сретна со лидерите на нордиските и балтичките земји, со кои разговараше за одбранбената соработка.

Во Киев Зеленски ги прими и американските сенатори Ричард Блументал и Џејмс Ланкфорд, на кои, како што соопшти, им зборувал за постојаната закана од руските балистички ракети и потребата од зајакнување на противвоздушната одбрана.

Во Киев во текот на денот се очекува да пристигнат и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и премиерот на Луксембург Лук Фриден.

„На 35-годишнината од независноста на Украина, украинскиот народ не смее да има никакви сомнежи: Обединетото Кралство денес е со вас и ќе остане со вас колку што ќе биде потребно“, порача Барнам.

Велика Британија е еден од клучните сојузници на Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година.

Британската помош за Украина досега достигнува околу 25 милијарди фунти, односно 29,2 милијарди евра. Од оваа сума, околу 16 милијарди фунти, или 18,7 милијарди евра, се однесуваат на воена помош.

Европската комисија одобри дополнителни 6,1 милијарда евра финансиска помош за Украина, наменети за набавка на нови одбранбени системи.

Средствата ќе се користат за противвоздушна одбрана, ракети, муниција и радари, објави „Ројтерс“.

Новиот пакет се надоврзува на претходно одобрените 16 милијарди евра за набавка на воена опрема. Од таа сума досега се исплатени 8,35 милијарди евра.

„Со оглед на тоа што Русија ги засилува нападите, преземаме конкретни мерки за да ѝ помогнеме на Украина да го заштити населението и да го брани своето небо. Европа е со Украина и ќе обезбедиме да го добие она што ѝ е потребно, кога ѝ е потребно“, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Голем украински напад со дронови на Русија, загинаа две деца

Медведев со порака: „Русија ќе продолжи да зазема територии“

Предраг Петровиќ

Путин ѝ се закани на Украина: „Отворија Пандорината кутија“; ќе следи жесток удар

ВИДЕО: Напад со балистички ракети на Киев, најмаклу шестмина мртви

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Русија и се заканува на Велика Британија

ВИДЕО: Гори околината на Москва, жесток украински напад

Катерина Ѓуровски