Според извештајот на Институтот за економски истражувања (Ifo) од Минхен, речиси четвртина од германските компании немаат доволно квалификувани работници.
Во јули, 23,2 отсто од анкетираните компании изјавија дека не можат да најдат доволно квалификувани работници, што сепак е под долгорочниот просек од 31,7 отсто.
„Слабата економија моментално ја ограничува побарувачката за квалификувани работници“, изјави претставничката на Ifo, Дарија Шалер.
Таа очекува проблемот со работната сила во Германија да стане поизразен штом економијата ќе закрепне.
Во секторот за услуги, ситуацијата е речиси непроменета во споредба со анкетата од април, при што 25,7 отсто од компаниите пријавуваат недостиг на квалификувани работници.
Сепак, во телекомуникациите, уделот на таквите компании се зголеми од 16,3 отсто во април на 31,1 отсто, што претставува највисоко ниво од октомври 2023 година.
Покрај тоа, во областа на правното и даночното советување и ревизијата, тој се зголеми од 52,4 на дури 64,7 отсто.
Во индустријата, 18,7 отсто од компаниите пријавија недостиг на квалификувани работници, што е за 4,5 процентни поени повеќе отколку во април.
Особено е погодена индустријата за хартија, каде што 35 отсто од компаниите имаат проблеми со ангажирање соодветно обучени работници.
Во градежништвото, 32,6 отсто од компаниите пријавуваат недостиг, додека во трговијата проблемот е многу помал и изнесува 16,2 отсто.
Ifo предупредува дека поголем број невработени не значи автоматски и поголема достапност на квалификувани работници, туку дека квалификациите на вработените треба што е можно повеќе да одговараат на барањата на работното место.
