Километарска колона, долги редици и повеќечасовно чекање се создадоа на граничниот премин Табановце, каде странски државјани кои направиле сообраќајни прекршоци евидентирани преку системот „Безбеден град“ мора да ги подмират казните пред да ја напуштат Македонија.
Странците кои транзитирале или престојувале во земјава, а биле регистрирани од камерите на системот „Safe City“, се задржуваат на граничниот премин додека не ја платат изречената казна. Во одредени моменти работеле само четири шалтери, што дополнително го забави процесот.
Дел од граѓаните пред камерите се пожалија дека чекаат повеќе од еден час, а како дополнителен проблем го посочија начинот на плаќање, за кој, според нив, е потребна интернет-врска и платежна картичка.
Слични реакции имаше и од други странски државјани. Граѓанин од Романија изјави дека чека околу еден час и дека ваквата организација на процесот е неприфатлива, додека германски државјанин најави дека ќе ја информира германската Амбасада во Скопје, откако нему и на неговата група им биле задржани пасошите и документите од возилата без, како што вели, доволно објаснување за причините.
Граѓанка од Турција, пак, изјави дека чекала околу час и половина за да плати казна за пречекорување на брзината. Таа нагласи дека не го оспорува прекршокот и обврската за плаќање, но смета дека начинот на кој се спроведува постапката создава непотребни проблеми за патниците.
На Табановце денеска беше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој призна дека системот и постапката треба дополнително да се подобрат. Тој најави зголемување на капацитетите за наплата, од сегашните четири на осум пунктови.
Според Тошковски, на преминот се поставени т.н. паметни камери кои ги читаат регистарските таблички и ги идентификуваат возилата за кои се евидентирани сообраќајни прекршоци. Возилата за кои нема регистрирани прекршоци ќе продолжуваат директно кон границата со Србија, без дополнителни задржувања.
Тој најави дека вакво техничко решение во иднина треба да биде применето и на другите гранични премини, со цел постапката да биде поефикасна.
