Хрватското Министерство за туризам и спорт и Хрватската туристичка заедница потврдија дека во големиот пожар на подрачјето на Омиш загинала државјанка на Босна и Херцеговина. Тие изразија искрено сочувство до нејзиното семејство.
Станува збор за 34-годишната Драгана Антешевиќ од Котор Варош, која работела како сезонска работничка на подрачјето на Омиш. Таа исчезнала на 13 август во Станиќи, додека се обидувала да се спаси од пожарот. Нејзиното тело било пронајдено во петокот наутро на опожареното подрачје.
Според досегашните информации, Антешевиќ се наоѓала во автомобил со уште две лица, додека се обидувале да побегнат од огнената стихија. Во еден момент излегла од возилото, по што ѝ се изгубила секаква трага.
Нејзиното исчезнување било пријавено во полиција, а во потрагата учествувале дваесетина припадници на Хрватската горска служба за спасување. Семејството доставило примероци за ДНК-анализа, а нејзиниот сопруг пристигнал во Хрватска по пријавувањето на исчезнувањето.
Надлежните хрватски институции соопштија дека сите туристи на кои им била потребна помош биле згрижени, а за дел од нив било обезбедено алтернативно сместување во хотели на подрачјето на Сплитско-далматинската жупанија.
Состојбата на терен постепено се стабилизира, но надлежните служби и понатаму ја следат ситуацијата и преземаат мерки за заштита на луѓето и имотот.
