Граѓаните кои планираат да вложат во подобра изолација, нови прозори и врати, котли, топлински пумпи, сончеви колектори за топла вода, фотоволтаични системи или други енергетски ефикасни решенија, можат да добијат финансиска поддршка и грант до 20% од вредноста на инвестицијата.
НЛБ Банка во соработка со Европската банка за обнова и развој обезбеди нова кредитна линија во износ од 4 милиони евра, наменета за поддршка на домаќинствата кои сакаат да го направат својот дом поудобен, поекономичен и енергетски поефикасен. Средствата се обезбедени во соработка со ЕБОР во рамките на програмата GEFF III REpower Residential на Западен Балкан, а ќе се пласираат преку Банката.
Кредитната линија е наменета за финансирање во технологии со висока енергетска ефикасност, решенија за обновлива енергија и подобрување на енергетските перформанси на станбените објекти. Со ваквите инвестиции, домаќинствата можат долгорочно да ја намалат потрошувачката на енергија и месечните трошоци, а истовремено да придонесат за почиста животна средина.
Дополнителна придобивка за корисниците е можноста за поврат на дел од вложените средства преку грант. Повратот, кофинансиран од Европската Унија, може да изнесува до 20% од вкупната инвестиција, со што вложувањето во енергетски ефикасен дом станува подостапно, поисплатливо и поатрактивно за поголем број домаќинства.
Програмата се надоврзува на долгогодишното партнерство меѓу НЛБ Банка и ЕБОР и има за цел да го прошири пристапот до зелено финансирање за домаќинствата. Преку оваа кредитна линија, но и зелените кредити достапни во понудата на Банката, НЛБ Банка продолжува да ја поддржува енергетската ефикасност, одржливото домување и инвестициите што носат конкретни придобивки и за граѓаните и за животната средина.
