Продолжува преписката меѓу Уставен и судиите: Судската независност не може да биде оправдување за непочитување на Уставот

Од:

Уставниот суд одговори на соопштението на Судскиот совет и Здружението на судиите, во кое беше изразена загриженост поради начинот на кој Уставниот суд постапувал во предметот поврзан со неизвршување на негова одлука.

Од Уставниот суд потсетуваат дека неговите одлуки се конечни и извршни и дека, согласно Актот на Судот, се извршуваат без никакво одлагање.

„Почитувањето и извршувањето на одлуките на Уставниот суд не е прашање на избор, на толкување или пак согласност на кој било орган или кое било службено лице“, наведуваат од Судот.

Уставниот суд посочува дека во 2025 година донел одлука со која утврдил повреда на слободата на јавно изразување на мислата на новинарката Наташа Стојановска, сторена со пресуди на Основниот граѓански суд во Скопје и Апелациониот суд Скопје.

Оттаму велат дека, откако судија на Основниот граѓански суд не ја извршил одлуката на Уставниот суд, странката побарала Судот да ги искористи механизмите за нејзино извршување. Уставниот суд потоа донел посебно решение со кое утврдил дека неговата одлука не е извршена и за тоа ги известил Јавното обвинителство и Судскиот совет.

Во одговорот до Судскиот совет, Уставниот суд нагласува дека има посебна уставна положба и дека неговата улога е да ја штити уставноста и законитоста.

Од Судот посочуваат дека ја почитуваат независноста на судската власт, но дека независноста на судиите не може да значи можност конечните и извршни одлуки на Уставниот суд да бидат повторно оценувани, релативизирани или нивното дејство да биде одложено.

„Судската независност на ниеден начин не може да оправда ниту, пак, да релативизира неисполнување на уставната должност, односно да се одлучува врз основа на Уставот“, велат од Уставниот суд.

Според Судот, фактот што во конкретниот случај судијата се повикал на тоа дека Законот за парничната постапка не предвидува експлицитен основ за повторување на постапката врз основа на одлука на Уставниот суд не може да биде оправдување за непостапување по одлуката.

„Ниту еден закон не е над Уставот. Законот и неговите празнини и недоречености треба да се толкуваат низ призмата на целовитоста на Уставот, смислата, словото и духот на Уставот, а не обратно“, се наведува во реакцијата.

Уставниот суд отфрла и тезата дека судовите не треба да извршуваат одлуки на други државни органи, туку единствено самостојно да судат врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори.

Од Судот велат дека извршувањето на нивните одлуки не претставува „извршување на одлука на друг државен орган“, туку постапување во согласност со Уставот.

Посебно се осврнуваат и на аргументот дека решението со кое е утврдено неизвршување на одлуката не е правосилно и дека против него е поднесена жалба.

„Фактот дека решението не е правосилно и против него е изјавена жалба, на ниеден начин не може да ја промени фактичката состојба дека судија на Основниот граѓански суд не извршил одлука на Уставниот суд“, наведуваат од Судот.

Од Уставниот суд дополнително тврдат дека со своето постапување судијата ја игнорирал и практиката на Европскиот суд за човекови права, на која се темелела одлуката на Уставниот суд.

Според Уставниот суд, спротивното толкување би можело да создаде ситуација во која друг орган, преку редовна судска постапка или сопствено постапување, би можел да го одложи или неутрализира дејството на конечна и извршна одлука на Уставниот суд.

„Игнорирањето и релативизирањето на постапувањето на Уставниот суд не дава придонес во напорите за градење правна држава во која ќе владее правото“, порачаа од Судот.

Уставниот суд на крајот наведува дека останува решителен во заштитата на уставноста и законитоста, како и на слободите и правата на граѓаните, и дека и во иднина ќе постапува „одлучно и бескомпромисно“.

Би можело да ве интересира

Судиите му одговорија на Уставен: мора да се почитува самостојноста и независноста на редовните судови

ЗНМ: Одговорност за судијата за неизвршената одлука за заштита на новинарка

Предраг Петровиќ

Уставен суд првпат бара одговорност од судија за непочитување негова одлука

Катерина Ѓуровски

Судскиот совет го избра Зоран Герасимовски за в.д. претседател на скопска Апелација

Собранието ја избра Мери Дика Георгиевска за уставен судија

Уставниот судија Гоце Наумовски си поднел оставка од функцијата