Судиите му одговорија на Уставен: мора да се почитува самостојноста и независноста на редовните судови

Од:

Судскиот совет на Република Северна Македонија и Здружението на судиите реагираат на реакциите во јавноста по Решението на Уставниот суд И.бр.1/2026, нагласувајќи дека во конкретниот случај мора да се почитуваат независноста на судската власт, законските процедури и правото на правни лекови.

Во заедничкото соопштение тие посочуваат дека го почитуваат уставниот статус на Уставниот суд, како и фактот дека неговите одлуки се конечни и извршни. Истовремено, нагласуваат дека мора да се почитува и самостојноста и независноста на редовните судови.

Повод за реакцијата е Решението П4-240/22 од 4 мај 2026 година на Основниот граѓански суд Скопје, кое, како што наведуваат, сè уште не е правосилно. Против одлуката е поднесена жалба за која треба да одлучува надлежниот второстепен суд.

„Постапката сè уште е во тек, а оценката на законитоста на првостепената одлука му припаѓа само на надлежниот второстепен суд“, наведуваат Судскиот совет и Здружението на судиите.

Оттаму сметаат дека во вакви околности секое институционално постапување поврзано со неправосилна судска одлука треба да биде проследено со особена внимателност и воздржаност.

Целта, според нив, е да не се создаде впечаток дека исходот од судската постапка однапред се определува или дека се врши притисок врз судиите кои одлучуваат во конкретниот предмет.

„Независноста на судството не е привилегија на судиите, туку гаранција за граѓаните дека за нивните права и обврски ќе одлучува независен и непристрасен суд“, се наведува во соопштението.

Од Судскиот совет и Здружението на судиите нагласуваат дека судовите треба самостојно и независно да одлучуваат врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори.

Според нив, ниту еден државен орган, без оглед на неговата уставна положба, не смее да определува или прејудицира каква одлука треба да донесе судот во конкретен предмет.

Воедно, тие посочуваат дека почитувањето на одлуките на Уставниот суд и почитувањето на независноста на редовните судови не се спротивставени принципи.

„Тие се составни делови на истиот уставен поредок и на принципот на владеење на правото“, стои во соопштението.

Судскиот совет и Здружението на судиите порачаа дека остануваат определени за почитување на Уставот, законите и одлуките на Уставниот суд, но и за заштита на независноста на судската власт, правото на правично судење и функционирањето на системот на правни лекови.

Според нив, институционалната воздржаност, заемното почитување на уставните надлежности и почитувањето на законските процедури се клучни за владеењето на правото и за враќањето на довербата на граѓаните во институциите.

Би можело да ве интересира

ЗНМ: Одговорност за судијата за неизвршената одлука за заштита на новинарка

Предраг Петровиќ

Уставен суд првпат бара одговорност од судија за непочитување негова одлука

Катерина Ѓуровски

Судскиот совет го избра Зоран Герасимовски за в.д. претседател на скопска Апелација

Собранието ја избра Мери Дика Георгиевска за уставен судија

Уставниот судија Гоце Наумовски си поднел оставка од функцијата

Уставен суд: Не е релевантно какви имиња носат улиците, училиштата или другите објекти, важно е дали одлуките се донесени во законска постапка