Алијансата за Албанците реагира на владиниот спот објавен по повод 35-годишнината од независноста на државата, оценувајќи дека во него Албанците се недоволно застапени, а албанскиот јазик целосно отсуствува.
Од партијата велат дека е неприфатливо официјален материјал, финансиран и од даноците на албанските граѓани, да биде претставен преку, како што наведуваат, едноетнички наратив.
„Албанците биле нераскинлив дел од најважните политички и општествени процеси во земјата, од периодот на осамостојувањето, преку изградбата на демократските институции, интеграцијата во НАТО, па сè до патот кон Европската Унија“, се наведува во реакцијата.
Алијансата за Албанците бара Владата да го повлече спотот и да објави нов материјал кој, според нив, ќе биде репрезентативен и инклузивен и ќе го одразува придонесот на сите заедници во државата.
Од партијата воедно го критикуваат и молкот на албанските претставници во Владата, оценувајќи дека тие не реагираат иако, како што наведуваат, се засегнати прашања поврзани со застапеноста и достоинството на Албанците.
„Државата им припаѓа на сите нејзини граѓани и државната симболика треба да го потврдува тоа“, порачаа од Алијансата за Албанците.
