Поради екстремната суша во источна Хрватска, бунарите се празни, а нивото на водата на Дунав во Батина падна на историски минимум од минус 140 сантиметри, објавија денес хрватските медиуми.
Мештаните останаа без вода за наводнување на своите градини, додека домаќинствата се снабдуваат од „Водоводот“, пишуваат HRT и Index.
Ѓуро Молнар, жител на Батина, вели дека сè уште има малку вода во неговиот бунар, бидејќи при копање е пронајден извор.
„Имам од 40 до 50 сантиметри вода бидејќи при копањето наидовме на подземен извор. На мојот бунар влијае водостојот на Дунав. Како што расте Дунав, така расте и водата во бунарот“, објаснил тој.
Како што се наведува, годинава нискиот водостој на Дунав довел до целосно пресушување на блиската Карашица.
„Карашица никогаш не била вака сува, секогаш течеше. Сега ја нема, нема вода“, рекол Молнар, пренесува Танјуг.
Со него се согласуваат и другите жители, кои велат дека не паметат ваква суша.
„Никогаш во животот немало ваква суша и вака ниско ниво на водата“, навел Иван Француз.
Неговиот сосед Иван Домјановиќ додава дека ваква состојба досега не била видена.
„Се променија и текот на водата и состојбата на Дунав“, смета тој.
Проблемот не е ограничен само на Дунав. Водостојот на Драва кај Осиек исто така е за три метри понизок во однос на претходните години. Началничката на Општина Драж, Валентина Авдичевиќ, истакна дека поради нискиот водостој на Дунав пресушиле бунарите кои се полнат од површинските слоеви.
„Сепак, во населбата сè уште имаме бунари кои се полни со вода“, рекла таа.
Иако жителите на Батина веќе десет години се приклучени на мрежата на Барањскиот водовод, водата од бунарите им е од клучно значење за наводнување на градините, оценува „Индекс“.
„Секој ден полниме вода во буре и потоа рачно ја наводнуваме градината. Не можеме да ја полееме целата градина, туку само најважното – пиперките и доматите“, раскажала Марија Домјановиќ.
Едита Чаталинац вели дека нивниот бунар во последните години сè почесто пресушува.
„Преживуваме, како што се вели. Бунарот ни пресушува веќе четири години, па за градината мораме да се снаоѓаме на различни начини“, навела таа.
Жителите на Батина се навикнати на животот покрај Дунав, но велат дека долготрајната суша и рекордно нискиот водостој ги изненадиле дури и оние кои целиот живот го поминале покрај реката, пренесува „Индекс“.
