Три лица загинаа, а уште 13 се повредени, меѓу кои и деца, откако остатоци од дрон паднале во туристичкото место Архипо-Осиповка на руското црноморско крајбрежје, соопштија руските власти.
Населеното место административно му припаѓа на Геленџик, популарно летувалиште во Краснодарскиот крај. Регионалниот гувернер Венијамин Кондратјев изјави дека украински дронови нападнале цивилна инфраструктура и дека итните служби интервенираат на локациите каде што биле пронајдени остатоците од беспилотните летала. Овие тврдења не можат независно да бидат потврдени.
На социјалните мрежи се појави видео на кое, според објавите, се гледа пад на дрон во близина на луѓе на плажа, по што следува експлозија. Автентичноста на снимката не е независно потврдена.
Руските власти засега не потврдуваат дека дронот паднал директно меѓу капачите, туку наведуваат дека жртвите настрадале од пад на неговите остатоци.
Во меѓувреме, руските медиуми објавија изјави од очевидци кои тврдат дека дронови биле забележани во близина на плажата. Еден сведок рекол дека луѓето се криеле зад карпест дел од брегот и се покривале со лежалки, додека друг изјавил дека видел повреден маж со крваво рамо.
Во текот на ноќта во Геленџик беше прогласена опасност од напад со дронови, а жителите пријавиле дека се слушало дејствување на противвоздушната одбрана.
Според руското Министерство за одбрана, во периодот меѓу вечерта на 2 август и утрото на 3 август биле пресретнати или уништени 131 украински дрон над повеќе руски региони, окупираниот Крим и Црното Море. Ова тврдење, исто така, не е независно потврдено.
