Истражувањата покажаа дека возилата трошат повеќе гориво кога клима-уредот работи со полн капацитет, а најдобриот сооднос меѓу удобноста и потрошувачката се постигнува кога температурата во возилото е меѓу 22 и 24 степени.
Климатизацијата е речиси неопходна во автомобилот за време на летните месеци, но нејзината употреба ја зголемува потрошувачката на гориво. Колку ќе се зголеми таа, зависи од надворешната температура, големината на возилото, типот на компресорот и начинот на кој се користи клима-уредот.
На автомобил што со часови бил паркиран на сонце ќе му биде потребна значително повеќе енергија за да се излади патничкиот простор, поради што потрошувачката на гориво првично ќе се зголеми.
Според анализата на германскиот автомобилски клуб ADAC, клима-уредот за време на почетното ладење на силно загреана внатрешност може да ја зголеми моменталната потрошувачка за 2,5 до 4 литри на 100 километри.
Сепак, ова важи само за почетната фаза, кога компресорот работи под најголемо оптоварување. Кога температурата во кабината ќе се стабилизира, дополнителната потрошувачка значително се намалува:
-при градско возење таа изнесува околу 1 до 2 литри на 100 километри;
-на отворен пат – меѓу 0,2 и 0,7 литри на 100 километри.
Слични резултати покажа и истражувањето на организацијата SAE International.
Истражувањето утврди дека возилата трошат повеќе гориво кога клима-уредот работи со полн капацитет. Сепак, зголемувањето на потрошувачката зависи од ефикасноста на моторот, типот на компресорот и соодносот меѓу моќноста потребна за работа на клима-уредот и вкупната моќност на моторот.
Пред да го вклучите клима-уредот, се препорачува да ги отворите прозорците на половина до една минута за да излезе жешкиот воздух од автомобилот.
Ако автомобилот е многу жежок, вентилаторот може кратко да се вклучи на максимална брзина. Кога поголемиот дел од топлиот воздух ќе излезе од кабината, прозорците треба да се затворат и да се вклучи рециркулацијата на воздухот.
Кај возилата со рачна климатизација, максималната брзина на вентилаторот е корисна само на почетокот на ладењето. Кога температурата ќе стане пријатна, се препорачува вентилаторот да се префрли на прва или втора брзина.
